Новиот дигитален асистент на Google, практично наречен Assistant, засега е достапен само во нивните Pixel смартфони. Сепак, тој наскоро би можел да биде достапен и во моделите на LG, веројатно како одговор на најавата дека Samsung подготвува сопствен дигитален асистент во новиот Galaxy S8.

Да потсетиме, корејскиот гигант Samsung веќе работи на свој дигитален асистент заедно со компанијата Viv Labs, кој би требал во многу елементи да биде подобар од Google Now, кој засега се вградува во нивните актуелни модели. Одговорот на Google на овој потег на Samsung е да им ја понуди Google Assistant технологијата на главните конкуренти, во случајов LG.

Тоа би можело да се случи веќе во новиот G6, кој треба да пристигне на крајот од месец Февруари на MWC саемот во Барселона. Овој модел ќе биде нов обид на LG да одземе од верните купувачи на Galaxy S моделите и тоа што ќе го има Google Assistant во своите редови може да биде голем адут, особено на странските пазари, каде корисниците сѐ повеќе ги користат овие можности.

Сето ова е интересно, зошто Google најави дека Assistant ќе биде достапен само во Pixel телефоните. Всушност, тоа беше една од карактеристиките кои требаше да ги разликуваат нивните смартфони од останатите Android уреди. Сѐ уште не е јасно дали Google ќе одобри користење на Assistant во смартфоните на LG, но ова не е далеку од реалноста.

Од друга страна, LG би можел да го вгради и асистентот на Amazon, наречен Alexa, кој ужива голема популарност на западните пазари и кој веќе е достапен во некои нивни паметни уреди. Има дури и најава дека во G6 ќе бидат достапни и Google Assistant и Amazon Alexa, но тоа според мене е многу малку веројатно.

Извор: The Next Web, GSM Arena, CNET

Претходна статијаEx Machina и дали роботите можат да имаат душа
Следна статијаИсторија на компанијата Apple – Сон на секој Старт-Ап