Разгледувајќи го кодот од Settings апликацијата достапна во бета верзиите од софтверот на Samsung базиран на Android Oreo, еден програмер има откриено една интересна работа.

Во кодот се споменува нова функција наречена Intelligent Scan и за истата објаснувањето е дека користи комбинација од два сензори кои досега посебно се имаат користено. Поточно, корисниците ќе можат да го отклучуваат својот уред со скенирање на нивното лице и ирисот во исто време.

Ова треба да овозможи дополнителна безбедност при користење на овие сензори. Ирисот се смета за безбеден начин на отклучување, меѓутоа при скенирање на лицето, не ретко можевме да видиме ситуации како отклучувањето на уредот успешно се прави со слика од корисникот и слично.

Од Samsung ја немаат потврдено оваа информација и истата нема да ја потврдат со оглед на близината на настанот на којшто ќе бидат претставени новите Galaxy S9 модели. Новата функција најверојатно ќе биде дел од овие нови модели, но можно е истата да биде софтверски додадена во некоја форма и во S8 и Note 8 моделите.

Сепак оваа функција не е нешто што со нетрпение го чекаме, а посебно што овој вид на отклучување обично е побавен од користење на сензорот за отпечатоци на прстите. Можеби Samsung ќе изненади со претставување на понапреден хардвер и софтвер којшто ќе ја има потребната брзина. Ќе видиме.

Извор: XDA Developers, Engadget, Android Police, PCMag

Претходна статијаФестивал на смеата на Pickbox
Следна статијаBoring Company на Елон Маск почна да продава пламенофрлач
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.