galaxy-s6-620x349 copy

Корејскиот гигант ќе го лансира својот знаменосец порано од очекуваното, со цел да земе поголем дел од колачот, каде доминираат новите iPhone 6 и 6 Plus.

Причината за ова е послабиот успех на претходникот, S5, кој и покрај подобрувањата во внатрешноста, не успеа да освои многу купувачи со својот пластичен дизајн, особено по лансирањето на повеќе алуминиумски уреди од конкуренцијата, растот на кинеските брендови, како и поголемите iPhone-и.

Затоа, новиот модел се очекува да донесе значително подобрена надворешност, односно поквалитетни материјали, како алиминиум и поцврста, поликарбонатна пластика. Дизајнот би требал да биде сличен на Note 4, кој има цврста, алуминиумска рамка и квалитетен заден поклопец. Исто така, просторот околу дисплејот напред треба да е исклучително мал, како кај LG G3.

Под задниот поклопец ќе се наоѓа веројатно најмоќниот 64-битен процесор на Samsung, Exynos 7420, кој има осум физички јадра, како и 4GB RAM меморија, односно 32 GB простор за складирање податоци, нормално со можност за проширување со SD картичка. Екранот ќе има веројатно големина од 5.5 инчи и резолуција од 1440х2560 пиксели. Нормално, како и кај сите негови претходници досега, дисплејот ќе биде AMOLED.

Камерата ќе биде целосно нова, со сензор од 20 мегапиксели и оптичка стабилизација на сликата. Според најавите, истата би требала да постави нови стандарди во сегментот во поглед на квалитетот на фотографиите, а особено на видеата, бидејќи ќе снима Ultra HD видеа, како и Full HD видеа со можност за забавена снимка. За вљубениците во селфи фотографијата, во предниот дел ќе се вградува нова камера со 5 мегапиксели.

Како што е случајот и со Note 4, и Galaxy S6 ќе добие Edge варијанта, со дисплеј кој се простира низ целиот десен раб на екранот и кој може да прикажува нотификации или слични информации, независно од другиот дел. И двата модели ќе се нудат со читач за отпечаток на прстот, кој треба да биде значително подобар од тој на S5.

Покрај хардверските подобрувања, се очекува освежување и на софтверот. Нормално, ќе доаѓа со Android Lolipop, но и со полесен TouchWiz, кој ќе треба да овозможи помазно искуство при користењето на оперативниот систем и со тоа да го искористи целиот потенцијал на моќниот хардвер.

Новиот Galaxy S6 се очекува да го видиме на MWC саемот во Барселона на почетокот од Март, а веднаш после тоа да го очекуваме и кај операторите.

Извор: ZDNet, GSMArena

Претходна статијаНовата Lumia Camera апликација е веројатно најдобрата од својот тип досега
Следна статијаGOM Player официјално достапен како апликација за Windows 8.1