Huawei ќе ја претстави наредната генерација од Mate серијата во четврток на 19 септември со настан којшто ќе го одржи во Минхен. Како и обично, неофицијалните информации кои излегуваа за овие уреди беа достапни, а сега го имаме и целосниот изглед на сите достапни модели.

Сликите ги објави познатиот Еван Блас, односно @evleaks, па поради тоа може да се сметаат за точни, а тоа верувам дека ќе се потврди во четврток.

Од нив се гледаат четири варијанти од три модели, односно Mate 30 Lite, Mate 30, Mate 30 Pro и Porsche Design верзија од Mate 30 Pro моделот. Оваа верзија во основа ќе има нешто поразличен материјал на изработка и бои, па како што се гледа од сликите, ќе доминираат црната и црвената боја на материјал којшто изгледа ќе биде кожа или нешто слично.

Што се однесува до другите модели, гледаме дека Huawei ќе го задржи исечокот на горната страна кај Mate 30 и 30 Pro моделите. Кај Pro моделот тој ќе биде доста поголем од кај Mate 30 моделот, а исто така ќе има заоблени страни на екранот, нешто што ќе го нема кај Mate 30.

Mate 30 Pro на задната страна ќе има 4 камери поставени во интересен кружен модул, а тука се и стандардните интересни бои по кои се познати уредите од Huawei.

Mate 30 ќе има помал исечок на предната страна, нема да има заоблен екран од страните, а не се достапни слики од неговата задна страна, па не може да видиме што да очекуваме, барем не од овие слики.

Интересно е што Mate 30 Lite е направен целосно различно од овие два модели. Тој нема да има исечок на предната страна, туку само мала дупка за камерата. Исто така, камерите на задната страна ќе бидат поставени во квадратна форма.

Сепак, поради случувањата на САД со Кина, вистинското прашање на кое сите го чекаме одговорот е дали овие модели ќе дојдат со Google апликациите и сервисите или Huawei ќе мора да понуди своја посебна продавница за апликации, како што тоа го прави во Кина.

Доколку испадне тоа случајот, ќе биде интересно да се следи успехот на овој уред надвор од Кина, каде Play Store и апликациите од Google се скоро и незаменливи за голем дел од корисниците.

Сепак, фановите на Huawei не ги купуваат овие уреди поради Google, па не е чудо да ова нема нешто големо влијание на продажбите.

Оставете коментар

This site uses Akismet to reduce spam. Learn how your comment data is processed.