Пред точно една година, односно во мај 2017, Енди Рубин го претстави својот долгонајавуван смартфон, Essential Phone. Овој уред, покрај тоа што е од највисоката класа, со соодветни компоненти, беше и првиот уред којшто имаше исечок на горниот дел од екранот, со цел постигнување на екран скоро на целиот преден дел.

Essential Phone дури беше и најавуван како нешто посебно, нешто што ќе го промени пазарот. Дали тоа се случи, не би можеле со сигурност да кажеме. Тоа е така затоа што овој телефон никогаш не ја доби саканата популарност, па бројките кажуваат дека најверојатно се има продадено во помалку од 200.000 примероци.

Од друга страна, само неколку месеци подоцна, Apple го претстави iPhone X, којшто навистина го популаризира исечокот на екранот. Дали Apple ја има добиено својата идеја за ваков уред од Essential Phone, не би можеле да знаеме.

Инаку, Енди Рубин е еден од основачите на Android оперативниот систем кој реши сам да се обиде да направи нешто подобро. Тој сметаше дека ќе може да го претстави еден од најдобрите Android смартфони, а корисниците да го добијат тоа што досега им има фалено.

Essential Phone, покрај екранот без скоро воопшто рамка околу него, дојде и со можност за додавање на посебни модули, нешто слично на Moto додатоците.

Сепак, поради лошиот број на продадени уреди, претставувањето на Essential Phone 2 е откажано, а се најавува дека Енди Рубин размислува и веќе бара на кого да ја продаде компанијата. Таа би била продадена целосно, односно со сите инженери и останати вработени, лиценци, патенти и слично.

Информацијата не е потврдена официјално, а тоа најверојатно ќе остане така до постигнување на некој договор со некоја компанија.

Според изјавата која ја даде на крај Енди Рубин, се што може да се заклучи е дека тие навистина го имаат откажано вториот Essential Phone, а она на кое може ќе стават поголем акцент е производ за паметен дом. Ваков производ веќе беше најавен од компанијата, па може да видиме поголем акцент да се стави на него.

Како и да е, штета што оваа компанија не успеа да направи доволно продажби за да видиме што ново би претставила во иднина, нешто што конкуренцијата повторно би „морала“ да го „копира“.

ИЗВОР 2The Verge
Претходна статијаКаков е правниот статус на Биткоин во Македонија?
Следна статијаBlackBerry KEY2 ќе има двојна камера и подобрена физичка тастатура
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.