dell-xps-12

Surface серијата на Microsoft дефинитивно им покажа на другите производители на лаптопи со Windows оперативен систем како треба да изгледа еден модерен таков уред. Dell е уште еден производител кој директно ја превзема идејата, со новиот XPS 12, таблет – лаптоп со високи перформанси и 4K екран.

Како и Surface Pro 3 и XPS 12-ката ќе има 12 инчен IPS екран, но тука резолуцијата ќе изнесува фантастични 3840х2160 пиксели, односно популарната 4K Ultra HD. Ова ќе придонесе за исклучително остра слика, каква што не сме виделе досега во класата. И покрај високата резолуција, Dell ветува траење на батеријата од 10 часа со едно полнење, што е извонреден резултат.

Дизајнот е многу сличен како на Surface Pro 3, но со помали димензии, благодарение на исклучително малата рамка околу екранот, која со новите XPS серии на Dell стана заштитен знак на компанијата. Dell XPS 12 ќе биде достапен заедно со тастатура со заднинско осветлување, која ќе се поврзува преку магнетен приклучок со таблетот, кој пак позади има посебен држач за да го држи во место. Повторно, исто како Surface серијата.

dell-xps-12-slides

Погодувате, за таблет – лаптопот ќе биде достапно и дигитално активно пенкалце, кое ќе биде осетливо на притисок и кое ќе биде погодно за уметниците, односно дизајнерите, но исто така и за запишување на најразлични забелешки за другите корисници. Како за таблет со Windows 10 и камерите ќе бидат одлични – 8 мегапиксели назад и 5 мегапиксели напред. И како ретко кој друг ваков модел од класата, поврзувањето ќе биде покриено со USB 3.0, USB Type-C и Thunderbolt 3.

Од она што досега го знаеме за XPS 12, единствено немаме информации за чипот, но претпоставка е дека тој ќе биде од Core M серијата на Intel од најновата Skylake генерација. Бидејќи се работи за протечена информација, немаме информации ниту за цените, но не очекувајте основниот модел да биде поевтин од 1000 долари, барем не ако се испорачува со 4K Ultra HD екран.

Извор: Windows Central, Techno Buffalo

Претходна статијаXerox PARC е нов само – уништувачки чип, со кој никој нема да може да ви ги украде податоците!
Следна статијаMicrosoft испрати покани за настан на 6-ти октомври