BLU-recenzija-(9)

Неодамна имавме можност да пробаме два телефони на американскиот производител BLU, кој е познат по тоа што нуди одлични спецификации за многу ниски цени. Сепак, додека самите телефони се мошне солидни, тие не се воопшто безбедни и сериозно ја загрозуваат приватноста на нивните корисници.

Според информација од Kryptowire, американска фирма за сајбер безбедност која ги открила пропустите, BLU телефоните праќале многу сензитивни информации на сервер во Шангај. Овие информации вклучуваат SMS пораки, контакти и повици. Во превод, не само што е загрозена безбедноста на самиот корисник на BLU телефонот, туку и на сите негови контакти.

Потоа, со овој пропуст во софтверот, на корисникот му биле инсталирани најразлични апликации. И најлошото од се е што корисникот не може да знае дали телефонот праќа некаде информации, односно телефонот го прави тоа без одобрување и знаење.

Од BLU велат дека тие не биле свесни за овој проблем, бидејќи за софтверот во нивните уреди е задолжена компанија од Кина, наречена Shanghai Adups Technology. Поточно, оваа компанија била задолжена за надградбите на Android во овие телефони, преку кои ги вградила малициозните софтвери.

BLU вети дека сите нивни уреди наскоро ќе добијат нови надградби со кои ќе се отклонат сите проблеми со безбедноста на приватните податоци, а од кинеската компанија изјавија дека веќе ги уништиле сите приватни податоци.

Како и да е, ова е голем удар за BLU како компанија, која и така не е некој преголем играч на светската сцена. Исто така, Shanghai Adups Technology работи и со Xiaomi и Huawei и ќе биде интересно да видиме дали и нивните уреди спаѓаат во загрозените.

Извор: Tech Crunch, The Next Web, The Verge

Претходна статијаНаскоро Cortana ќе разбира говор како и луѓето
Следна статијаMicrosoft се придружи на Linux фондацијата, Google на .NET фондацијата