blackphone-100247374-large

Производителот кој ни го донесе првиот телефон кој е целосно заштитен од сајбер криминал, односно прислушување, влез во податоците и слично, на саемот во Барселона ќе лансира и таблет, кој исто така ќе биде првиот од овој тип во светот.

SGP Technologies е компанијата која стои зад Blackphone, првиот телефон во светот со вградена енкрипција за разговори, пораки и целосно вградениот софтвер во него. Успехот на смартфонот, кој чини 629 долари, ја охрабри компанијата да лансира и таблет, кој ќе го има истиот оперативен систем (Android, но со вграден дополнителен софтвер за енкрипција), што значи дека ќе го нуди и истото ниво на заштита. Информацијата за таблетот протече од Graphite Software, кој е всушност изработувачот на софтверот за телефонот, односно таблетот, а во соработка со SGP Technologies.

Лансирањето на таблетот е во период кога продажбата на ваквите уреди во светот драматично опаѓа, но SGP се чини верува дека ќе може да земе од колачот на поголемите компании и да привлече внимание кон себе токму со зголемената сигурност и заштита на приватноста.

И покрај тоа што не е уред кој е често мета на крадците, таблетот на Blackphone ќе има и заштита од крадење, односно можност за целосно заклучување на уредот и забрана за негово користење доколку дојде до тоа, слично на Samsung Knox.

Покрај лансирањето на хардверски уреди, SGP планира наскоро да лансира и нов маркет за апликации, чие име ќе биде Silent Store. Во него, сите понудени апликации ќе нудат високо ниво на заштита, односно енкрипција на пакетите кои ги испраќаат преку интернет, односно мобилната мрежа. Silent Store ќе биде достапен само за уредите на Blackphone.

Инаку, во самата креација на софтверот за Blackphone, ангажирани се многу врвни имиња од светот на заштита од сајбер криминалот, како Фил Цимерман, креаторот на e-mail енркиптираниот клиент “Pretty Good Privacy”, како и Џон Калас, кој го креираше системот за енкрипција на Apple.

Информации за тоа која големина ќе биде таблетот, односно кој процесор ќе го користи, се уште нема, а не е позната ниту цената. Сепак, не се очекува таблетот да биде евтин, ако цената на Blackphone е некое мерило.

Извор: PCWorld

Претходна статијаСпоред LG, паметните телефони ќе изгледаат исто уште многу години
Следна статијаПристигна финалната верзија на популарната македонска мобилна апликација CLAXI