bp-frontback4502

Како што беше и најавено минатиот месец, Blackphone е официјално претставен на годинешниот Mobile World Congress кој што се одржува во Барселона. Blackphone претставува мобилен телефон кој што акцентот го става на заштита на приватноста на корисникот. Направен е во соработка помеѓу Geeksphone, шпанска компанија која што започнува да работи во областа на производство на хардвер и Silent Circle, компанија која што веќе одреден период работи со софтвер за енкрипција и безбедносен софтвер. Апликации од Silent Circle, кои што исто така ги користи Blackphone се достапни и на Android и iOS уредите.

Всушност Blackphone работи на Android оперативниот систем, односно негова посебно прилагодена верзија која што производителите ја нарекуваат PrivatOS. Она што го прави овој оперативен систем е овозможување на корисникот преку одредени негови функции и преку додатни апликации да избере кога и каква комуникација сака да оствари, како и информации кои што е спремен да ги сподели со трети лица.

Поточно Blackphone ги користи платените апликации од Silent Circle за кои што корисниците на овој мобилен телефон ќе имаат бесплатна претплата за првите две години, зависно од сервисот. Silenct Phone им овозможува на корисниците да остваруваат енкриптирани телефонски повици преку peer-to-peer протоколот со други корисниците кој што ја користат истата апликација. Потоа, Silent Contacts ја заменува основната Contacts Android апликација и ги заштитува контактите од други апликации кои што би можеле да пристапат до листата и да ја искористат за одредени цели.

Корисниците на Blackphone покрај двете години на бесплатна претплата за апликациите од Silent Circle, добиваат и до 3 едногодишни лиценци кои што може да ги дадат на кого сакаат. Поради можноста овие апликации да се инсталираат и на Android и iOS уреди, корисниците на Blackphone ќе може да се осигураат дека важните повици ќе ги прават преку сигурна конекција, па дури и доколку другата страна нема платено лиценца и ги користи овие апликации.

Корисниците на Blackphone исто така ќе имаат можност при инсталирање на апликација од продавницата да изберат кои пермисии ќе може да ги има истата. На Android корисниците тоа им е овозможено, но само за вкупната листа на пермисии, односно доколку корисникот не сака да дозволи една од листата на пермисии, ќе мора да не ги прифати и останатите, а со тоа и да не ја инсталира апликацијата. Во PrivatOS ќе биде овозможено избирање на секоја посебна пермисија на листата. Исто така корисниците ќе може да изберат да не овозможуваат пристап до одредени информации генерално на сите апликации, односно ќе може да го исклучат пристапот до нивната локација, па инсталираните, како и новите апликации нема да може да пристапат до таа информација. Оваа можност е дел од Blakphone Security Center функцијата која што е вградена во оперативниот систем.

Сепак, како што истакнуваат и од Blackphone, ниту еден телефон, па и нивниот, не се во можност да им овозможат 100 процентна заштита на своите корисници. Секогаш ќе има начин како некој да може да дојде до одредени податоци доколку навистина сака. Меѓутоа овој телефон сепак им овозможува на корисниците додатни можности за заштита на приватноста во одредени ситуации во споредба со другите телефони.

Blackphone доаѓа со 4,7 инчен HD IPS екран на допир, четири јаден процесор кој што работи на 2 GHz и 2 GB RAM меморија. Уредот доаѓа со 16 GB вграден надворешна меморија, предна и задна камера со 8 мегапиксели, LTE и HSPA+ конеција. Ќе се продава по цена од 629 долари.

Претходна статијаMicrosoft ќе ја намали лиценцата на Windows 8.1 за 70 проценти
Следна статијаMozilla планира преработка на интерфејсот на Firefox OS
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.