На саемот CES во Лас Вегас, Asus требаше официјално да го претстави ZenFone AR, вториот смартфон со вграден Tango систем за проширена реалност после Lenovo Phab 2 Pro, но и вториот со Daydream VR (виртуелна реалност) можности после Google Pixel смартфоните. Ова го прави првиот смартфон со двете технологии одеднаш, што отвора интересни можности.

Протекувањето на телефонот го направи интересно Qualcomm, кој во блог пост спомна дека новиот Tango телефон на Asus ќе го користи нивниот моќен Snapdragon 821 чип. Првиот модел со Tango на Lenovo користи Snapdragon 652 чип, па ова е прилично голем скок, особено за апликациите за проширена и виртуелна реалност.

Токму овие апликации сега веројатно ќе можат на гледачот да му ја прикажат проширената реалност заедно со виртуелната. Поточно, доколку корисникот стави очила за виртуелна реалност, благодарение на вградената Tango камера, ќе може да ја гледа околината, заедно со холограми, слично како HoloLens на Microsoft. Ваквата технологија овозможува многу нови примени на проширената реалност, која сѐ уште заостанува во применливоста зад виртуелната реалност.

Благодарение на Daydream VR пак овој смартфон ќе може да ги прикаже виртуелните верзии на апликациите како Google Street View, YouTube, Netflix, Hulu, HBO, a на него ќе може да се играат и неколку виртуелни игри како Need For Speed, Fantastic Beasts and Where to Find Them и Gunjack 2.

Како и секогаш, за официјалните фотографии од моделот пред тој да биде претставен се погрижи твитерџијата @evleaks, на кои може да се види прилично стандарден, можеби малку и досаден дизајн. Сепак, главните адути на новиот смартфон на Asus ќе бидат во проширената и виртуелната реалност и верувам во коректната цена – досега сите смартфони од ZenFone линијата беа поевтини од тие на „етаблираните“ производители.

Извор: Engadget, GSM Arena, The Verge

Претходна статијаШто да очекуваме од CES 2017?
Следна статијаМодерни чуда од светот на зелената енергија