Тајванската компанија Asus која им е позната на повеќето во светот, оваа недела претстави Android смартфон под нивниот ROG – Republic of Gamers бренд. Asus ROG Phone, не е само уште еден Android смартфон којшто производителот го истакнува како погоден за играње игри.

Asus ROG Phone има повеќе карактеристики и додатоци кои го прават навистина уникатен уред кој нуди многу повеќе и подобро гејминг искуство за разлика од другите уреди со силни компоненти.

Би почнале од карактеристиките на самиот телефон. Тој доаѓа со 6 инчен AMOLED екран со резолуција од 2160×1080 пиксели и формат од 18:9. Она што го прави екранот повеќе насочен кон игрите е неговата стапка на освежување (refresh rate) од 90hz, како и брзина на реагирање на пикселите од 1 милисекунда, а исто така доаѓа со поддршка за HDR.

Asus ROG Phone работи на изменет Snapdragon 845 процесор којшто овозможува нешто повеќе мегахерци на четирите јадра наменети за поголеми перформанси. Па така, процесорот на овој уред може да „оди“ до 2.96GHz, што е за околу 200 мегахерци повеќе од тоа што Qualcomm стандардно го овозможува за „обичните“ мобилни телефони. Графичкиот процесор на којшто работи уредот е Adreno 630.

Поради зголемената работа на процесорот, како од неговото појачување, така и од намената на уредот за играње на игри, ROG Phone има потреба од посебен систем за ладење. За овој систем Asus има и посебно име, GameCool, систем кој преку посебни бакарни распределувачи на топлина, како и посебна 3D комора за „испарување“, ја распределуваат топлината подалеку од процесорот.

За тие што сакаат дополнително ладење, Asus нуди додаток, еден од повеќето, кој дополнително го лади целиот уред, а и овозможува дополнителна батерија.

ROG Phone доаѓа со огромни 8 GB RAM меморија која не сме сигурни дали ќе им биде потребна дури и на гејмерите затоа што сепак се работи за смартфон. Телефонот исто така доаѓа со огромен простор за податоци од 512 GB, па неговите корисници не би требало да имаат потреба од додавање на посебна картичка.

Телефонот доаѓа и со двојна камера на задната страна со 12 и 8 мегапиксели, додека камерата на предната страна е со 8 мегапиксели.

Како што би се очекувало од ваков уред, тој доаѓа со двојни звучници поставени на предната страна, па може да се очекува одличен звук при играњето на игри, се разбира кога ќе се земе во предвид дека сепак се работи за мобилен телефон.

Она што го прави овој телефон уште подобар, односно подобар за играње на игри, се и неговите додатоци. Тој може да се постави на посебен док и на него да се поврзат монитор, тастатура и маус, па да се користи како десктоп компјутер наменет за игри.

Достапни се и додатоци кои му овозможуваат на телефонот да се користи и со посебни контроли, да се додаде уште еден екран и слично.

На самиот уред се достапни и посебни контроли кои се на страна од екранот, со што се овозможува играње без потреба од поставување на прстите на екранот и со тоа пречење при играњето на игрите. Овие посебни делови ги има на три места, односно две на левата страна од уредот за играње во „легната“ позиција, и уште една на десна страна за играње во „исправена“ позиција.

Повеќе за Asus ROG Phone можете да прочитате на официјалната страна од Asus на следниот линк.

ИЗВОР 2PhoneDog
Претходна статија[СТАВ] Дали претеруваме со користење на зборот иновација?
Следна статијаIntel го претстави првиот процесор кој може да работи до 5.0 GHz
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.