Asus во текот на минатата недела го претставија својот ZenFone 6, телефон од највисоката класа кој морам да признам, направи да се потсетам дека на пазарот сепак има и други производители.

Телефонот доаѓа со компоненти соодветни на класата, а исто така нема непотребни додатоци кои некои производители ги воведуваат за да привлечат внимание.

Сепак, решението за камерите кое овозможува екран без скоро воопшто рамки, а поважно, без исечоци или дупки, е навистина корисно, а досега слично имаме видено само од Samsung.

Камерите, кои се стандардно наменети како главни и насочени кон задната страна, се поставени на механизам кој се „превртува“ и со тоа се насочува кон предната страна за сликање на селфи слики.

За разлика од сличното решение кај Samsung Galaxy A80, каде целиот модул за камерата се подига нагоре, по што самата камера се превртува на напред, кај ZenFon 6 се подига и превртува само камерата.

Ова има и одредени свои предности, односно при превртување на камерата, истата може да се задржи во неколку позиции, а не само на напред за селфи, со што се добива одлична можност да се прилагоди насоченоста за сликање на одредени „потешки“ кадри.

Инаку, камерите се две од кои едната го има веќе познатиот сензор од Sony со 48 мегапиксели со f1,79 што значи дека може да се очекуваат одлични слики во темни услови, а втората камера е со 13 мегапиксели и можност за сликање со ултра широк агол.

Како и повеќето Android уреди од минатата година веќе, така и Asus ZenFone 6 доаѓа со вештачка интелигенција која ќе помогне да сликите сликани со камерите бидат уште подобри преку препознавање на сцените, осветленоста, но и промена на сликите по нивното сликање.

Екранот на ZenFone 6 кој скоро и да нема рамки е со големина од 6,4 инчи и резолуција од 2340 на 1080 пиксели. Сепак се работи за IPS екран, кој иако е одличен, сепак не е OLED, а доаѓа и со поддршка за HDR содржина. Поради малите рамки, ZenFone 6 има 92% покриеност од страна на екранот, што е одличен процент уште ретко достигнат од конкурентите.

Asus ZenFone 6 доаѓа и со стерео звучници и интересно, сензор за отпечатоци на задната страна, што според мене е одлично решение доколку не се решат за ултра звучниот сензор за под екранот којшто скоро никој од конкуренцијата не го користи, освен Samsung.

Телефонот работи на моментално најдоброто од Qualcomm, односно на Snapdragon 855 и има избор помеѓу 6 и 8 GB RAM меморија, како и 64, 128 и 256 GB простор за податоци.

Батеријата кај ZenFone 6 е нешто што посебно треба да се истакне. Овој телефон доаѓа со значително поголема батерија од тоа што е стандардно кај високата класа, па корисниците ќе може да очекуваат издржување на еден цел ден, а можеби и два за тие што помалку го „чепкаат“ телефонот. 5000 mAh сигурно ќе овозможат поретко полнење на уредот во споредба со конкуренцијата, а достапно е и брзо полнење кое може да се каже дека мора да го има за волку голема батерија.

Цената на Asus ZenFone 6 ќе се движи од 499 до 599 долари, зависно од избраната конфигурација, а секако и од локалните понуди, но ова е отприлика да се добие претстава. Дефинитивно може да се каже дека ова е уред од највисоката класа, но со нормална цена.

ИЗВОРAsus
ИЗВОР 2PhoneDog
Претходна статијаМакпетрол официјално ја пушти во употреба обновената бензинска станица во Куманово
Следна статијаВладата на Јужна Кореа планира да се префрли на Linux
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.