apple-invite-oct-22-13

Од Apple почнаа да испраќаат покани за настан на 22-ри Октомври до медиумите, со што ги потврдија шпекулациите за датумот на одржување. Настанот ќе се одржи во Сан Франциско во Yerba Buena центарот за уметности во 19:00 часот по македонско време. Текстот на поканата гласи “Сеуште имаме доста да покриеме“.

Како и секогаш од Apple не откриваат што ќе биде претставено на настанот, па затоа може само да се претпоставува и шпекулира, а тоа го има доста. Што се очекува да биде претставено на 22-ри Октомври?

Првата работа која се очекува да биде претставена е петтата генерација на iPad. Новиот iPad ќе добие целосен редизајн, кој што не е направен од втората генерација. Дизајнот треба да биде приближен до iPad mini, односно да има потенка рамка со што ќе се намали вкупната големина и тежина на уредот. Рамката на iPad mini е толку тенка што уредот мора да го држите за екранот во повеќето случаи во portrait позицијата. Од Apple тогаш ја претставија својата smart технологија, која што препознава кога кликате на екранот, а кога го држите, па во тој случај не регистрира кликови. Исто така iPad 5 се очекува да има понапреден процесор од неодамна претставениот А7 на новиот iPhone 5s. Претпоставките се дека процесорот ќе го носи името A7X. Задната камера треба да биде зголемена од 5 на 8 мегапиксели. Не е сигурно дали ќе биде вклучен и скенерот за отисоци од прсти кој првпат беше претставен на iPhone 5s.

Ipad mini не се очекува да претрпи промена на дизајнот, па истиот ќе добие само нови карактеристики. Очекувањата се дека во iPad mini 2 ќе биде воведен истиот број на пиксели како во iPad, па густината на пиксели ќе биде уште поголема и од поголемиот iPad. Ова со други зборови значи дека и iPad mini ќе има Retina екран. Поголемиот број на пиксели значи и поголема побарувачка за ресурси, па се очекува iPad mini 2 да го добие А7 процесорот, наместо една генерација постариот А6 кој што би бил нареден во редоследот, ако се гледа од претходниот модел кој го има А5 процесорот. Поголемата побарувачка за ресурси исто така ќе бара и поголема батерија за да се задржи времето на работа, па можно е новиот iPad mini да биде нешто подебел за да може да ја собере поголемата батерија.

На овој настан исто така се очекува да биде претставена финалната верзија од Mac OS X 10.9 Mavericks, која веќе одреден период е достапна за тестирање. Покрај новата верзија на десктоп оперативниот систем, можно е претставување на нов Mac Pro десктоп компјутер.

Претходна статијаSmart Files во SkyDrive за Windows 8.1
Следна статијаОткриен безбедносен пропуст кај D-Link домашните рутери
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.