Енди Рубин е ко-основачот на Android кој може да се каже дека изминатите години повеќе се прочу со неговата компанија Essential. Тие пред 2 години најавија телефон кој за тоа време беше нестандарден и пред своето време.

Essential Phone имаше екран без скоро воопшто рамки и беше првиот телефон којшто на горната страна од екранот имаше мал исечок за да може да ја собере предната камера. Овој исечок, за разлика од тие кои понатаму станаа дел од популарни модели од другите производители, беше доволно голем само за камерата, односно не го зимаше поголемиот дел од горниот дел од екранот.

Исечоците на екраните вистински станаа познати по iPhone X, по што следеа доста Android уреди. Според мене исечокот којшто Apple го користи кај нивните телефони е преголем и може слободно да има рамка на негово место, меѓутоа јасно е дека тој е тука за визуелен ефект на поголем екран, а тоа се постигнува.

Енди Рубин повторно излезе со најава на телефон којшто е тотално нестандарден за тоа што може да се види на пазарот во денешно време. Другите производители сите гледаме дека се трудат да претстават поголеми екрани, екрани кои се превиткуваат, па и уреди со двојни екрани.

Essential Project Gem е телефон кој е изненадно тесен и висок. Со тоа се добива уред кој без проблем може да се користи со една рака, а софтверот за овој нестандарден формат исто така е посебно развиен.

Сега за сега прикажани се само неколку слики од кои главен е форматот на уредот, а повеќе информации нема.

На задната страна од уредот може да се види камерата, како и нешто што наликува на сензор за отпечатоци. Посебно се истакнува и бојата на уредите која е направена така да ја менува својата нијанса кога се мрда телефонот, односно се гледа од различни агли.

Овој телефон од Essential наликува на најавата на Енди Рубин дека многу сме зависни од нашите смартфони, па планира да претстави нов телефон којшто треба да го стави акцентот на други работи.

Претходна статијаА1 Македонија ја одбележува Светската недела за грижа на корисниците
Следна статијаGalaxy S10 серијата ги добива моќните функции на Galaxy Note10 преку софтверско ажурирање
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.