Google секој месец издава сигурносни надградби за Android оперативниот систем, коишто не треба да се мешаат со верзијата од системот, како и надградбите со нови функции. Овие сигурносни надградба во основа претставуваат „закрпи“ за оперативниот систем кои затвораат одредени пропусти кои потенцијално може да претставуваат ризик за корисничкиот уред.

Како што истакнуваат од порталот Wired, од каде што дознавме за информацијата во оваа статија, Google дава големо значење на тоа да секој производител редовно и навремено ги надградува своите уреди.

Сепак, изгледа случајот воопшто не е таков, а голем број на производители дури намерно погрешно ја претставуваат состојбата со надградби на своите уреди.

До ова откритие доаѓа сигурносната компанија од Германија Security Research Labs која изминатата година има направено тестирање на кодот на 1.200 Android уреди од повеќе производители.

Она што тие имаат откриено е дека кај доста уреди, верзијата на закрпите на оперативниот систем стои дека е најновата, меѓутоа истата воопшто не е инсталирана. Тоа е случајот со повеќе закрпи уназад, што уредот го остава во сериозна ситуација да биде хакиран.

Статистиката која што ја имаат извадено од SRL покажува дека ваков е случајот со сите производители, без разлика дали се работи за поголемите и познати или некој помали и непознати. Сепак, бројките покажуваат дека познатите производители имаат многу мал број на такви уреди, а и тие не се во ситуација да ги лажат своите корисници за верзијата на закрпата.

Табелата во продолжение ги прикажува производителите и бројката на пропуштени закрпи.

Статистиката исто така покажува дека во одреден број на случаеви чипсетот којшто се користи знае да е пречка за издавање на закрпи, па уредите кои работат на MediaTek имаат најголем број на пропуштени закрпи.

Од SRL имаат и апликација за Android која ја имаат надградено специјално за намената да може да открие дали на нашиот уред има пропуштени закрпи. Истата се вика SnoopSnitch и можете да ја симнете од Play Store преку следниот линк.