Google Street View е една исклучително корисна алатка, која кога беше лансирана делуваше исклучително импресивно. Денес, иако нема толкав “WOW” ефект кај корисниците, таа може да се искористи за полесно да најдете некое место, односно да ја видите околината во која се наоѓа или пак да „прошетате“ на некое место каде не сте биле.

Google веќе работи и на подобрување на Street View, кое ќе биде повеќе насочено кон софтверот и како тој ги поврзува фотографиите. Имено, сликите земени од камерите на автомобилите, односно една „360 степени’ камера со 15 посебни модули, ќе бидат повторно поврзани со нов алгоритам. Идејата е да се намали видливоста на деловите каде се спојувани фотографиите, нешто што е многу лесно видливо во моментов кај Street View.

Од Google сакаат ова да го постигнат без да ја расипат околината на фотографијата, односно да нема искривување во ниту еден дел кое би асоцирало на тоа дека фотографиите се споени. Всушност, Google сака да постигне околината да биде целосно кохерентна, односно да изгледа како една целина.

Повторното поврзување на фотографиите во Google Street View најверојатно ќе потрае и не очекувајте да видите врвни резултати уште веднаш, односно сигурен сум дека ќе има повторно видливи грешки во поврзувањето, но се наближува иднината кога овој сервис ќе може да се користи како вистински прозорец кон целиот свет.

Извор: TechCrunch, 9 to 5 Google, SlashGear

Претходна статијаПротечени серија фотографии од OnePlus 5T
Следна статијаПознати процесорот и камерата за новиот Samsung Galaxy S9