Не е толку ретко да прочитаме дека Google прекинува некој сервис којшто го има развивано и бил достапен одреден период.

Овој месец го гледаме крајот на два такви сервиси од Google, односно веќе нема да функционираат Google+ друштвената мрежа и Inbox алтернативната апликација за имејл.

Кога е во прашање друштвената мрежа Google+, можеби и не е толку чудно нејзиното затворање, иако истата ќе продолжи да функционира и да се развива за бизнис корисниците.

Google+ на почетокот оставаше впечаток и надеж дека ќе може да се пробие на пазарот и да им конкурира на Facebook и Twitter, меѓутоа тоа никогаш не се случи, барем не ни приближно доволно. Кога на тоа ќе се земе „новиот тренд“ кај друштвените мрежи, а тоа се сликите (Instagram), тогаш Google+ сигурно нема шанса.

Inbox од друга страна беше навистина популарна апликација која корисниците ја користеа како алтернатива на Gmail и која овозможуваше нешто поразличен начин на користење на имејл-от, како и доста експериментални функции.

Gmail постепено ги доби дел од функциите на Inbox, меѓутоа јасно е дека тешко на видот на корисници кои беа повеќето Inbox корисници ќе им се допадне новиот Gmail како што им се „погоди“ Inbox.

По странските портали изминатите денови се промовира апликацијата Spark, која стана достапна на Android, по долгото постоење на iOS. Истата се промовира како една од најдобрите алтернативи за корисниците на Inbox, па можете да ја пробате. Истата е достапна во Play Store на овој линк.

Дел од авторите на странските портали го поставија прашањето дали ваквите не толку ретки одлуки од Google му наштетуваат на нивниот бренд. Ова посебно може да се постави како прашање кога ќе се земат во предвид апликациите за разговори кои Google ги претстави, па прекина.

Сепак, Google важи за модерна компанија која не се „плаши“ да експериментира со производите, дури тоа е нешто што се мотивира во самата компанија. Сервисите што се претставуваат некогаш не поминуваат добро или доволно добро кај корисниците, меѓутоа сето тоа е дел од функционирањето на оваа компанија.

Претходна статијаПредлог серија: Love, death & Robots
Следна статијаПознати и успешни жени од ИТ светот со охрабрувања за младите девојчиња да влезат во СТЕМ професиите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.