gmail-respuesta-automatica-smart-reply-reasonwhy.es_

Пред една недела од Google ја најавија најновата опција во Inbox, Smart Reply. Се работи за опција да користите алгоритам кој ќе ја чита содржината на пораката, а потоа ќе ви смисли краток одговор.

На пример, ако пораката е во врска со некакво барање да доставите одредени документи, може да се појават неколку одговори кои би биле: не можам да ги доставам сега, ќе ги доставам покасно, ќе ги доставам веднаш; и слично.

Алгоритмот работи на принцип на неврални мрежи и така што ја анализира целата порака збор по збор по што вади вектор (листа на броеви) кои практично се „разбраната“ содржина. По ова, тој создава потенцијален одговор во природен јазик користејќи го векторот како филтер за тоа што може да се каже како одговор, исто така низ формата на вектор од зборови, фрази и концепти.

Ваквата опција секако дека ќе биде најприменлива на преносните уреди каде ви е потребно да напишете брз одговор без да се задржувате премногу. Веројатно нема да биде премногу корисна за десктоп корисниците на Inbox, но тоа е засега.

Од друга страна, имајте предвид дека на Google со ова му давате целосна согласност да ја чита содржината од вашите пораки. Дополнително, замислете си ја иднината каде алгоритмот станува уште пософистициран, па пишува целосен одговор за вас и за секој друг. Потоа се префрла на управување со вашиот календар, ви закажува состаноци, ви пишува статуси на Facebook и Twitter, автоматски ви прави слики за на Instagram, ви уредува кај треба да одите и кога, со кого треба да се дружите, а со кој не, дали да скршите стакло од возило пред вас…

Дали ова ќе биде утопија или дистопија останува да видиме. Едно од можните решенија е да се пружи напор кон воспоставување поинтегрирано корисничко искуство каде корисниците го имаат крајниот збор, а технологијата им помага да го донесат.

Извор: GHacks, Gmail Blog

Претходна статијаПрвиот официјален настан GIT OPEN со покажаниот интерес говори за потребата од постоењето на Girls in Tech Macedonia
Следна статијаОфицијално претставен супер моќниот Snapdragon 820