Не сме сигурни колку во нашата земја корисниците се запознаени со Qwant, но овој интернет пребарувач добива на популарност изминатиот период. Се работи за пребарувач од Франција, меѓутоа се промовира како европска алтернатива на Google, алтернатива која главниот акцент го става на приватноста на корисниците.

Google се познати по тоа дека ги имаат најдобрите резултати за корисникот при пребарување, меѓутоа исто така е познато дека тоа е на сметка на приватноста на корисниците. Google ја чува историјата од пребарувањата, како и отворањето на страни од страна на корисниците, па врз основа на ова тие можат да му ги дадат на корисникот најдобрите за него резултати.

Qwant се промовираат како единствен европски пребарувач, којшто исто така и не ја чува историјата од пребарувањата на корисниците. Тоа секако ќе значи и дека корисниците ќе мора малку повеќе да се „помачат“ при пребарување за да ги добијат саканите резултати.

Оваа компанија претстави и алтернатива на Google Maps наречена Qwant Maps и повторно главниот акцент е ставен на приватноста. Тие истакнуваат дека доколку корисникот одобри да биде проверена неговата локација, истата не се чува на серверите на компанијата.

Инаку до мапите во оваа фаза може да се пристапи само преку интернет прелистувач, односно нема посебна апликација, а исто така тие се во бета фаза, па не треба да се очекуваат баш сите функции кои се достапни на Google Maps.

До мапите може да се пристапи преку https://www.qwant.com/maps/, а тие се направени на основа на познатите OpenStreetMap, што значи дека информациите во нив се пополнуваат од цела заедница која придонесува во развојот.

Инаку, од мапите може да се очекуваат во главно стандардните функции за еден ваков сервис. Достапни се локации како хотели, кафулиња, бензински станици и повеќе, а секако тука е и можноста за прикажување на насоки од една до друга точка.

ИЗВОРgHacks
Претходна статијаТрамп најави „олабавување“ на забраната за соработка со Huawei
Следна статијаНовите електрични автомобили во ЕУ ќе мораат да емитуваат вештачки звук на мотор
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.