Dropbox-Pro-Logo

Dropbox, можеби најмногу користениот и најпознат сервис кој што нуди простор за складирање на податоци во облакот, нуди и најмал простор за своите бесплатни корисници. Додека конкуренцијата веќе нуди и до 15 GB бесплатно, Dropbox останува на старите 2 GB кои што ги нуди од самиот почеток.

Ова ја покажува стратегијата на компанијата која што има за цел да работи со деловни корисници, како и корисници кои што го плаќаат сервисот. Меѓутоа, уште од самиот почеток бесплатните корисници имаа можност да го зголемат овој простор, повторно бесплатно, преку препорачување на Drobox на пријателите и слични акции.

Според разговорот на порталот ITPro со Patrick Heim од Dropbox, од компанијата планираат да овозможат уште еден начин како корисниците да добијат екстра бесплатен простор.

Во овој случај се работи за нешто што во исто време треба да ја зголеми безбедноста на корисничките сметки, односно за да се добие бесплатниот простор, корисниците треба да поминат безбедносна проверка, која што покрај другото бара да ја вклучат дво-факторската автентикација на нивната сметка.

Дво-факторската автентикација овозможува дополнителен слој на безбедност на сметката преку вклучување на код кој што корисникот треба да го внесе при секое најавување покрај неговата стандардна лозинка. Кодот најчесто се добива преку мобилна апликација, но постојат и други начини.

Кога точно од Dropbox планираат да ја воведат оваа акција се’ уште не знаат, но може да се каже дека е добар начин за мотивирање на корисниците за практикување на подобра безбедност онлајн.

Извор: ITPro, VB

Претходна статијаSliden’joy – одлична Kickstarter идеја за зголемување на вашиот лаптоп монитор
Следна статијаМини компјутерот на Intel, сега достапен и со Ubuntu
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.