2652_the_x_files

Новиот продолжеток на X-Files е тука!

Ако судиме според најавните шпици (трејлерите), новите X-Files ќе бидат прилично интересни и ќе не` држат магнетизирани. Кој ги гледаше оригиналните серијали сигурно памети колку беа разработени и мистични, играјќи со симболика, а воедно храбри бидејќи содржеа критика кон лошите влади и владеења. Додуша, знаеа да се изместат од концепт при крајните епизоди, но сепак импресијата остана како една одлична серија со одлични глумци и одлично сценарио.

Вонземјани, FBI, беспилотни летала, Фокс Малдер и Дана Скали – ви треба ли нешто повеќе?! Новата мини-серија на 24.01 започна со прикажување оваа година и покрај „стандардната“ тематика ќе даде фокус на феноменот на надгледувачка држава која, еднаш опишан во книги како предупредување, полека станува наша реалност.

Трејлерите се одлични, а Дејвид Духовни и Гилиан Андерсон се се` уште енергични за нивните улоги. Фокс верува дека нешто има, а Дана цело време е скептик – спрегата со која успеваа да не` држат залепени на екраните во деведесеттите. Дополнително, според коментарите на првата епизода, My Struggle, како и следните две, новите епизоди не претставуваат едноставно продолжување туку се внимателно разработени за да отворат нови перспективи во универзумот на X-Files.

На сето тоа да додадеме дека препознатливата музичка тема од Марк Сноу повторно е во игра и имаме добитна комбинација. Серијалот повторно е во режија на Крис Картер, но овојпат сценаристи се повеќе искусни автори што би требало да донесе свежина во идеите и интересни заговори при секоја епизода.

Интересен факт: кога ја лансирал првата сезона на X-Files режисерот Картер прилично се исплашил од FBI. Тој претходно разговарал со нив со цел да извлече некои информации и да направи истражување за нивното функционирање, но не добил скоро ништо. По неколку месеци и по лансирањето на серијата му се јавиле од FBI и го прашале кој е тој и што прави со сето тоа. Може слободно да се каже дека му се смрзнал стравот во коски бидејќи FBI не се јавуваат на некого од што немаат што да прават во моментот (а ако го прават тоа ќе бидат многу добри зафрканти).

The-X-Files

Останува да ги изгледаме новите епизоди и носталгично да се потсетиме на едно ремек дело на деведесеттите. Љубителите на шпекулативната фантастика повторно ќе имаат нешто одлично за уживање.

Вистината е се` уште таму некаде!

Дополнителни информации: Eonline, Huffington Post, Engadget 1, Engadget 2,

Претходна статијаVaio лансира три лаптопи од високата класа, наменети за професионалците
Следна статијаКинезите рушат рекорди – Huawei и оваа година ќе биде производителот со најголем раст на пазарот