macbook-pro-surface-studio

Живееме во време во кое едноставно дојдовме во ситуација нашите животи да зависат од технологијата. Технологијата е навлезена во сите сфери на општеството. На лекар веќе можете преку Вашиот компјутер или паметен телефон да закажете термин за преглед. Состанок со Вашите бизнис партнери го заведувате во Вашиот потсетник на било кој уред и тој автоматски се синхронизира со сите уреди кои ги користите и така може навремено да Ве информира. Имате роднини или пријатели, кои за жал се отселени некаде во странство и со нив можете да комуницирате преку десетина платформи за комуникација преку Интернет, како Facetime или пак Skype. Вашиот магистерски труд го подготвувате во Word или во Pages. Вие сте архитект или машински инженер? Има апликација и за Вас, без разлика дали сте љубител на производите на Apple или пак на Microsoft.

Лутото ривалство помеѓу Apple и Microsoft датира уште од 70-те, од ерата на персоналните компјутери. Сега тие се едни од водечките иноватори, креатори и катализатори за развивање на тие исти апликации кои секојдневно ги користиме. За една недела, Apple и Microsoft ги обзнанија своите најголеми хардверски достигнувања со кои едноставно, никој не можеше да остане рамнодушен. Нивното ривалство можеби е најголемо во текот на изминатите години, дури и може да се спореди со времето кога Bill Gates и Steve Jobs беа лутите ривали.

iphone7

Apple најпрвин го претстави најновиот iPhone 7 и неговиот поголем “брат” iPhone 7 Plus. Се разбира, како и секоја година, во нив ги има најновите чипови, камери, сензори и што уште не, со кои секојдневниот живот го прават полесен. Новиот A10 процесор е побрз од сите останати мобилни процесори на пазарот. Според најновите тестови, скоро е два пати побрз од најновиот процесор Snapdragon 821 кој што го има во Google Pixel. iPhone 7 Plus доаѓа со две камери. Иако телефоните со две камери не се новитет на пазарот, Apple сепак го усоврши начинот на кој што тие две функционираат. Со новите iPhone-и можете да бидете фотограф аматер, може да го унапреди Вашиот бизнис, можете да ја ослободите креативноста со разните алатки за цртање, да ги следите Вашите тренинзи со новиот M10 чип кој што ги следи сите Ваши движења, да го користите вградениот говорен асистент Siri и да го управувате Вашиот паметен телефон дури и без да го допрете.

macbook-pro-7

Подоцна, Apple ги претстави новите MacBook компјутери. Со доаѓањето на Tim Cook на директорското место на Apple, некако како да згазна ентузијазмот и креативноста во Apple. Сепак, тешко е да се преземе позиција со која раководеше Steve Jobs. Но, конечно Tim се разбуди. Најновите MacBook се чекаа долго време. И според мене, вредеше. Досега имаат најтенок дизајн и доаѓаат во две бои, добропознатата Silver и новата Space Grey. Доаѓаат со i5 и со i7 Intel процесори, кои за жал не се најновите генерации на процесори, но сепак тоа се проверени процесори, а за брзината надоместуваат со најбрзите дискови на пазарот (SSD) и со оперативниот систем кој самите Apple го развиваат и кој е направен да функционира исклучиво за MacBook моделите на Apple.

Основниот модел на MacBook е одличен, но сепак, за него не се дигна голема фама. MacBook Pro 13 и 15 инчните модели се тие за кои сите разговараат деновиве. Со новиот Touch Bar, Apple направи „револуција“ во начинот на користењето на лаптопот, а само додадоа лента осетлива на допир над тастатурата на самиот лаптоп. Лентата е OLED, односно е во боја и е осетлива на допир. Со неа можете да ја контролирате јачината на звукот, да уредувате текст, да праќате emojis, да едитирате видео во Final Cut Pro X, или пак да едитирате слика во Photoshop. Којзнае уште колку програмери ќе направат код кој ќе го имплементираат во програмите за да функционира со Touch Bar-от. Опциите се скоро неограничени.

Екранот на MacBook Pro лаптопите, се разбира е ретина. Во копчето за вклучување/исклучување сега има и сензор (Touch ID) кој го чита Вашиот отисок на ист начин како оној кај iPhone-ите и на тој начин само Вие ќе можете да пристапите до податоците на Вашиот MacBook. До сега најсветол и има најчисти бои. Соработката на Apple со AMD продолжува и понатаму во делот на графиката, иако мислам дека единствен недостаток на Apple е што не одлучија да променат и да се свртат кон nVidia која на пазарот ја претстави новата “10” серија на графички картички кои се за можеби 30% подобри од оние на AMD. Тастатурата е иста како онаа кај MacBook во која е имплементирана новата Butterfly технологија. Тракпадот до сега е најголем и зафаќа значително голем дел од долниот дел на лаптопот, но за изненадување, не смета кога се работи на тастатурата, бидејќи има технологија која распознава кога се спуштени дланките во текот на работењето на тастатурата.

surface-studio-2

Microsoft пак, кои неофицијално се откажаа од развојот на мобилни телефони, можеа да се сконцентрираат целосно на изработка на квалитетен десктоп компјутер. Еден ден пред Apple да ги претставата новите MacBook, Microsoft ја преставија новата линија на Surface компјутери. Покрај Surface Pro 4 и Surface Book лаптопите, најголемо изненадување беше Surface Studio. Тоа е одличен Се-во-едно Десктоп компјутер со екран на допир. Има одличен и тенок, но огромен 28” инчен екран на допир со кој Microsoft, како што гласи и самиот слоган, сакаат да се доближат до графичките дизајнери и креативните умови. На него можете да цртате, едитирате и дизајнирате скоро се што ќе замислите. Microsoft, според мене, направија одличен потег и се одлучија за соработка со nVidia која моментално има подобри графички процесори отколку AMD. Surface исто како и MacBook доаѓа со i5 или пак со i7 процесори. Интересно е што екранот може да се спушти, односно може да се намести како графичка табла за полесно да биде цртањето или пак едитирањето. Со Surface доаѓа уште едно парче хардвер, а тоа е Surface Dial, уред кој можете само да го допрете на екранот на Surface-от и да го користите за работење во Photoshop, Blubeam и во многу други алатки за креирање и едитирање на слики.

surface-studio-5

Оваа година Apple и Microsoft секако изненадија. Воведоа интересни новитети кои не се само за работа, туку воведоа и интересни начини на користење на нивните уреди кои што се разликуваат од останатите производители на компјутери и телефони. Со нивните уреди можете да ја ослободите Вашата креативност. Иако, на сите нас ни делува дека тие се “лути” ривали, сепак во последно време нивната соработка доведе до дополнителен развој на оперативните системи на двете компании. На претходниот настан на Apple, на сцената се појави и претставник од Microsoft, преседан кој е невиден дотогаш. Сите се надеваме дека ривалството ќе продолжи и дека во наредните години ќе видиме уште многу изненадувања и од двете компании.

Претходна статијаGalaxy S8 ќе има Edge OLED дисплеј со минимална рамка
Следна статијаElephone S7 е копија на Galaxy S7 Edge и е отпорен на експлозија?