Нов малициозен софтвер наречен WannCry од класата “Ransomware”, односно софтвер кој го енкриптира компјутерот на корисникот и потоа бара одредена сума на пари за да го отклучи, се појави на светската интернет мрежа. Се работи за прилично сериозна закана за компјутерите со Windows, но во поголем број само оние на компаниите – домашните корисници се многу подобро заштитени.

Секако, ова важи се додека ви се активирани автоматските надградби за Windows XP, 7, 8, 8.1 и 10. Да, како никогаш досега, Microsoft прати закрпа дури и за XP, која корисниците треба да ја добијат како брза надградба. Воопшто, закрпата го менува начинот на кој Windows се справува со мрежата и не му дозволува на малициозниот софтвер да се рашири. Автоматската надградба веќе беше пуштена уште пред неколку месеци за Windows 7, 8.1 и 10, а од неодамна и за XP, па затоа и домашните корисници не треба да се особено загрижени.

Сепак, компаниите се многу побавни во имплементирањето на нови надградби, бидејќи мораат да бидат сигурни дека нивните софтверски решенија ќе функционираат со нив. Затоа, многу од заразените компјутери сѐ уште ја немаат инсталирано надградбата која е веќе одамна достапна. Според податоците од Kaspersky Lab, заразени компјутери има во преку 99 држави, а најзаразени се Европа и Русија и тоа токму компаниите и неколку болници и владини организации.

WannaCry инаку користи код на NSA, односно националната безбедносна агенција на САД, кој е украден од нив и кој владата на САД би требала да го користи за „подобро да се заштити од сајбер напади“. На ова остро реагираше Едвард Сноуден, кој на твитер кажа дека NSA требала многу порано да го обелодени малициозниот код, а не откако тој ќе се искористи за напад на болнички установи.

Но, што треба вие да направите за да се заштитите и дали треба да сте загрижени? Прво, ова е софтвер кој е опасен само по Windows компјутерите – оние со смартфони, таблети и други видови на компјутери не треба да се грижат. Исто така, оние кои имаат вклучено автоматски надградби на својот Windows нема да може да бидат заразени, бидејќи надргадбата која го отстранува проблемот е достапна веќе неколку месеци. Доколку пак немате направено надградби, еве препорака да го направите тоа побрзо.

Извор: The Guardian, TechNet, Forbes

Фото: Getty Images

Претходна статијаWindows XP не се дава – останува третиот најкористен оперативен систем во светот
Следна статијаBuild 2017: сите поважни новитети од годинешната конференција на Microsoft