gsmarena_001[1]

Порано скоро секој месец дознававме за некој нов вирус за нашите персонални компјутери, но денес паметните телефони се повеќе на мета. Нов пропуст во преку 900 милиони Android телефони со Qualcomm процесори им овозможува на хакерите лесен пристап до сензитивни информации и дури преземање целосна контрола на уредот.

Интересно, како и скоро сите претходни сигурносни пропусти и овој пат телефоните со Qualcomm процесори се на мета. Имено, поради овој пропуст, хакерите може лесно да го „излажат“ корисникот да инсталира софтвер кој нема да бара посебни пермисии, а всушност ќе има целосен “root” пристап до телефонот. Во превод, хакерите потоа ќе имаат подлабок пристап во оперативниот систем од тој што го имате Вие.

Од Qualcomm изјавија дека веќе имаат пуштено три закрпи кои треба да го средат проблемот, но истите се пуштени на само неколку уреди со Android оперативен систем, поточно, сѐ зависи од самите производители на смартфоните.

Во септември треба да има уште една закрпа, која прво ќе пристигне на телефоните со чист Android оперативен систем (Nexus), додека за останатите модели веројатно ќе треба да се почека малку подолго.

Доколку се сомневате дека во вашиот уред го имате “QuadRooter” пропустот, односно минатите неколку месеци имате инсталирано сомнителни апликации, можете да ја инсталирате QuadRooter Scanner апликацијата од Google Play Store, која ќе ви каже дали и вашиот уред е лесно подложен на напади.

Извор: GSMArena, The Hacker News, SlashGear

Претходна статијаPickbox побогат за пет нови серии
Следна статијаiPhone 7 ќе има “Home” копче осетливо на допир со 3D Touch