На почетокот на годината се соочивме со непријатна информација според која може да претпоставиме дека нашите компјутерски процесори се „заразени“.

Односно, дознавме дека процесорите на Интел имаат два огромни безбедносни пропусти кои им овозможуваат на хакери или др. малициозни ентитети да ги „украдат“ сите наши податоци.

Еднакво застрашувачки податок е тоа што пропустот постои на оперативниот систем Виндоус, но и на Линукс и на macOS. Исто така, нашите податоци можат да бидат преземени без разлика дали се работи за мобилен уред, персонален компјутер или лаптоп. Сите уреди се ранливи, односно оние компјутерски уреди кои употребуваат Интел процесор, а информациите подоцна покажаа дека и другите процесори не се имуни.

Meltdown vs. Spectre

Се работи за два пропусти именувани Meltdown и Spectre. Првиот (Meltdown) е поголема закана за cloud услугите. Односно, преку овој пропуст, хакерите можат да креираат cloud профил, и да се здобијат со пристап до податоците на другите корисници на услугата. Според истражувањата, Meltdown е далеку посериозен проблем.

За овој пропуст постои решение, но и вродена мана на тоа решение. Имено, оние што користат Виндоус оперативен систем, ако сакаат да се заштитат од негативни последици, треба да инсталираат софтверски апдејт. Меѓутоа, истиот апдејт предизвикува забавување на уредот на кој е инсталиран, и тоа приближно 20 до 30 проценти. Сериозни бројки.

Вториот пропуст (Spectre) е, од една страна, повеќе проблематичен. Тој ги засега повеќето процесори во употреба, а проблемот е во самиот нивни дизајн и природа на функционирање. Но, истражувачите веруваат дека е потешко да се злоупотреби. Тврдење на кое не треба да му се верува стопроцентно, со оглед на компјутерската моќ со која располагаат големите безбедносни служби низ светов.

Од друга страна, не постои решение за овој пропуст. Во моментов ниту Интел ниту другите компјутерски експерти не знаат како да го надминат.

Ранливоста на нашите уреди не е некоја новост. Уште откога Сноуден се појави „на сцената“ постојано дознаваме за нови безбедносни пропусти на нашите мобилни уреди и компјутери. Исто така, добиваме информации за начините на кои компјутерските гиганти соработуваат со овие служби за да ги шпионираат граѓаните. Оваа информација само ги подгрева сомнежите дека таа практика се уште трае.

Безбедност наспроти удобност

Поголемата поврзаност која ја уживаме со светот благодарение на Интернетот, не доведе во положба да бидеме поранливи за хакери и крадци на податоци. Односно, брзината и удобноста на конекцијата со која располагаме доаѓа со цена која ја плаќаме на различни начини (покрај тарифата која му ја плаќаме на интернет провајдерот).

И покрај тоа, шокантно е да се дознае дека самите компјутерски делови кои го движат нашиот компјутер се заразени од болест која ја зголемува нашата ранливост кога сме онлајн.

Претходна статијаVolocopter за 5 години ќе биде првиот летачки такси
Следна статијаIntel претстави процесор со интегрирана AMD RX Vega M графичка