DIGITAL-DETOX1

Веројатно неколку пати досега сте помислиле да се „одлепите“ од дигиталниот свет. „Кој ве врти, ќе си одам на планина!“ нели? Од лично искуство тоа е одличен начин за да вратите контрола врз животот, да најдете душевен мир и да се посветите на некои работи кои сте ги запоставувале бидејќи, едноставно, мора да се допрочитаат овие 136 „јазичиња“ кои ги имам отворено на прелистувачот.

Меѓутоа, збор предупредување: немојте тоа да го правите нагло, одеднаш. Ефектите на оттргнувањето од технологијата на кратко време се позитивни, но наглото може да предизвика и негативни ефекти, па дури и хаос во вашата глава. Да не биде дека не сме ве предупредиле.

Кои ефекти можат да се очекуваат од дигиталното оттргнување?

1. Подобар сон

9

Веројатно знаете дека екраните на уредите кои ги користиме денес ви пуштаат светлина од целиот видлив спектар. Тоа е добро кога сакате да ги видите вистинските бои на некоја фотографија, но е лошо кога тоа го правите навечер.

Зошто? Имено, во нашето око имаме фотоосетливи чепчиња кои имаат задача да ги познаат боите на работите околу нас. Дел од нив, кои спаѓаат во синиот спектар на бои, имаат задача да носат информации до мозокот за да ви го контролираат циклусот на дневни активности. Ако тие примаат информации дека надвор е ден, лачењето на мелатонин (хормонот за сон, исклучително важен и за формирање меморија, борење против патогени организми и слободни радикали) се прекинува.

Тоа значи дека ако се ѕверите во екранот навечер ќе имате тешкотии да заспиете (освен ако не користите некој софтвер како f.lux), a следниот ден ќе бидете уморни, без волја, па дури и скоро-депресивни ако ваквиот ваш третман продолжи.

Оттргнувањето од уредите веројатно ќе ви помогне да си го регулирате сонот и да легнете кога треба – во периодот од 10 до 11 часот навечер.

2. Телото ќе ви завземе поприродна и поздрава положба

posture-saidaonline

Телото е машина. Како за секоја машина, и за него постојат упатства за користење. Тоа значи да одите исправени, да имате редовна физичка активност, да се храните здраво, да го одморате од време на време, да чекорите околу 10.000 чекори дневно…

Може изгледаат како еден куп работи, но ако ви влезат во навика веќе нема да ги мислите – а ќе живеете далеку поздраво, повитално и поенергично. Ние дури напишавме и водич за здрав живот со помош на технологијата.

Проблемот е што технологијата почесто знае да ни одмогне во ова бидејќи не сме свесни за нејзиниот ефект. Супер е тоа што имаме преносен уред на кој можете да гледаме видеа и текстови од целиот свет, но ако тој треба да го држите во рака, значи дека веројатно раката ќе ја држите доле покрај телото – и тоа веројатно значи дека вратот ќе ви биде свиткан надоле за да можете да гледате. Катастрофална практика ако се прави често.

Дополнително, седењето со часови пред монитор и работењето си го земаат својот данок – искривен `рбет, стисната дијафрагма и отежнато дишење, расипани очи, зголемен ризик за срцев удар и висок крвен притисок, зголемен ризик за добивање дијабетес… еден куп глупости заради „напредокот“ во технологијата.

Откачување од ова може да ве доведе до значителни позитивни промени во телото, умот и здравјето.

3. Подобри меѓучовечки врски

Истражување од 2015-та година нашла поврзаност меѓу луѓе кои биле во мароканската пустина и кои се оттргнале од технологијата, и нивната подобрена меморија за меѓусебните детали. Самото тоа што немале технологија ги приморало да комуницираат, знаете, како луѓе, со гестикулации и зборови. Тоа резултирало и во поголеми и подлабоки муабети кои неизбежно зближуваат луѓе.

4. Емоционален хаос

Автор: Христијан Болтански
Автор: Христијан Болтански

Емоциите генерално зависат од хормоните. Врамнотежени емоции доаѓаат кога комбинацијата на емоции кои ги чувствувате се наоѓаат под контрола на свеста и потсвеста. Сепак, истражувачите откриле дека исполнувањето на задачи кои се поврзани или изведени на технолошки систем (на пр., компјутер) предизвикувало лачење на хормони на среќа во соодветните мозочни региони.

Тоа е слично на зависност од наркотици или алкохол. Ако вашиот мозок станал зависен од лачењето на хормони на задоволство при користење технолошки уреди, нагло оттргнување од нив би можело да ве смести во привремена апатија и безволност.

Сепак, не се секирајте – по кратко време мозокот ќе се навикне на нормалните стимули кои ќе овозможат поголема среќа него ли кога сте зависни од технологијата.

5. Можеби ќе заборавате битни детали

Како му беше бројот на вашиот најдобар другар? … (штурци) … Така и мислев. Памтењето на битни детали сè повеќе го префрламе на технологијата и кој би можел да нè обвини за тоа кога секојдневно сме бомбардирани од секакви глупости од „социјални“ мрежи, блогови, вести…?

Тоа значи дека ако нагло се откачите од технологијата некои битни детали нема да можете да ги повикате од меморија бидејќи – ги немате. Не сте ни ги забележале туку само сте ги делегирале на уредите. Мозокот ќе почне засилено да работи за да ја пополни дупката, а тоа може да резултира во поголема измореност на краток рок.

На подолг рок ќе почнете да памтите повеќе, да бидете поприсуни во сегашниот момент и генерално да бидете посреќни.

unnamed

Нас ни е јасно дека целосно оттргнување од технологијата е веројатно нереалистично, иако не невозможно. Сепак, исклучување од време на време на една недела или две ќе ви дојде одлично за подобрување на севкупното физичко, психичко, емоционално и духовно здравје и ќе ви покаже дека животот е и тука, надвор од екранот.

Известете нè за резултатите.

Дополнителни информации: INC.com, INC.com 2, The Daily Beast, Fastcompany

Претходна статијаКако да активирате “Auto Upload” на фотографиите на Android преку “Google Photos”?
Следна статијаНовата Nvidia Titan X е најбрзата графичка карта во светот