Информации за биткоин среќаваме секојдневно, насекаде. Со добра причина: оваа криптовалута доживеа вртоглав пораст во изминатата година. Конечно обичните граѓани добија можност за „сигурна“ инвестиција која не побарува преголем почетен влог.

Но, и покрај тоа што биткоин е исклучително популарен, се уште не може непречено да се употребува како традиционалните валути (собено не во нашата земја). Дополнително, како што оваа криптовалута им боде очи на владите ширум светот, така се зголемуваат и предупредувањата за нејзиниот пад. Некои предвидуваат дека биткоин и другите криптовалути ќе пропаднат сами од себе и дека немаат долготрајна вредност (наспроти оние што тврдат дека вредноста ќе порасне за неколку нули – како на пример Џон МекАфи, кој се колне во својата „машкост“ дека биткоин ќе постигне шестцифрена вредност).

Од друга страна, реален е стравот од регулирање на криптовалутите со што сериозно ќе се наштети на нивната комерцијална вредност. Сепак, биткоин продолжува со својот вртоглав раст, и покрај обидите на некои држави да го забранат тргувањето со криптовалути (како на пример Кина) или повикуваат на негова регулација (Владимир Путин беше особено сликовит во своето излагање).

Но, ова се само сценарија за иднина за кои не можеме да бидеме сигурни колку ќе бидат остварени.

Некои понапаредни места како Сингапур и Дубаи веќе ја имаат препознато вредноста на криптовалутите.

Во септември годинава, во Дубаи започна изградба на луксузен станбен комплекс во вредност од 325 милиони долари. Она што беше изненадувачки за пошироката јавност е најавата на инвеститорите дека ќе вршат купопродажба на станови во биткоин (почетната продажна цена на апартманите изнесува 133.918,00 долари, за оние што се заинтересирани за преселба во Дубаи).

Ако на почетокот на годинава неговата цена беше околу 700 долари, моменталната вредност (според Coindesk) на еден биткоин изнесува 13.941,71 долари. И покрај големиот пораст, треба да се земе предвид непредвидливоста со која се движи неговата вредност. Само пред една недела таа изнесуваше приближно 20 илјади долари.

Криптовалутите го разнишаа светскиот финансиски поредок, оставајќи ги големците да контемплираат начини за тоа како да се справат со неговиот експлозивен раст. На сите останати им преостанува да одлучат дали ќе го „фатат бранот“ или ќе ги задржат парите во џеб.

Во секој случај, се чини дека криптовалутите се тука за да останат.

Претходна статијаiPhone X со речиси максимален рејтинг во он-лајн испитување на корисниците
Следна статијаApple ќе ги унифицира апликациите за своите оперативни системи