Најпопуларната социјална мрежа на денешницата, Facebook убедливо предничи кога се однесува до бизнис успесите. За тоа доволен показател е фактот дека токму Facebook стои зад 4 од 5-те најбарани апликации во последните 3 месеци, на глобално ниво.

Истражувањата покажуваат дека најбараните и најсимнуваните апликации во првите 3 месеци од 2017-та година се WhatsApp, Facebook, Messenger, Instagram и Snapchat. Бројките се разликуваат и апликациите завземаат различни позиции на скалата, зависно од тоа која „продавница“ се анализира, меѓутоа, заедничкиот заклучок е дека секако Facebook ги поседува 4 од 5-те најбарани апликации. Челната позиција на AppStore ја „држи“ Messenger, додека на Google Play првата позиција му припадна на Facebook.

Податоците се фасцинантни кога се однесува на доминација на пазарот, меѓутоа, пазарот е создаден поради парите, а најголемите приходи не заминаа кај најбараните апликации, туку кај популарните сервиси за споделување видео и аудио содржини.

Како апликација со највисоки примања во првите три месеци од годината се најде Netflix, а веднаш зад него следуваат Line, Tinder, Pandora и Spotify. За да се добие комплетната слика за заработката на Netflix важно е да се напомене дека приходите им пораснале за неверојатни 286% споредено со лани, односно од 34,6 милиони на 133 милиони американски долари.

За ваквите движења на пазарот може да се „обвини“ и глобалниот пораст на корисници, односно самиот број на симнувања кој пораснал за речиси 2 милијарди на глобално ниво, од 11,9 на 13,5 милијарди. Интернет „маркетите“ во целата приказна имаа удел со 4,7 милијарди симнувања на App Store и Google Play со речиси двојно повеќе, 8,8 милијарди.

Вредноста на пазарот за првиот квартал од годината изнесува 2,19 милијарди американски долари, или за 63% повеќе од истиот период лани. Важен податок, меѓу другото е фактот дека покрај двојно поголемиот удел и број на корисници кој го има Google Play и понатаму тој е многу позади App Store кога се однесува до заработувачката. App Store за првите три месеци од годината заработил неверојатни 1,7 милијарди, споредено со „само“ 504-те милиони на Google Play.

Извор: TheNextWeb

Претходна статија3Д тури на преку 50 локации со новиот Google Earth
Следна статијаMicrosoft To-Do е потсетник апликација, замена за Wunderlist