Пред нешто повеќе од три недели, Vivax, хрватскиот производител кој можеби повеќе ни е познат на повеќето по производството на телевизори и клима уреди, го претстави својот Android смартфон Fly V1. Се разбира, ова не е прв смартфон од нив, меѓутоа дефинитивно меѓу првите кои привлекуваат посериозно внимание.

За него дознавме од соопштението за медиумите кое го добивме и кога ја видовме цената, но и поради брендот, се заинтересиравме за уредот, сакавме да видиме што има направено овој балкански производител.

Позитивно изненадени, производителот се сложи да ни даде еден примерок и истиот го имавме неколку дена за да можеме да видиме за што се работи, каков е овој уред, дали е навистина „предобар“, како што се истакнува во кампањата.

Уште веднаш да истакнеме дека уредот позитивно не изненади. Од брзината, до достапните функции, а посебно за камерата, до како е направен корисничкиот интерфејс.

Vivax Fly V1 е достапен во продажба на две места, односно во Neptun (достапни се уште две бои, покрај црната на линкот), како и во Handy. Цената изнесува 10.999 денари, а во Handy се нуди и на претплата со пакети од One.Vip по цена од 5.799 денари.

Дизајн, екран и карактеристики

Она што веднаш се забележува кај телефонот е удобноста со која лежи во рака. Со димензии од 148.3 x 71,8 x 8.1 и тежина од 143 грама, телефонот може да се стави во некоја просечна категорија, се разбира.

Екранот е и повеќе од доволно голем за овие димензии. Истиот има 5,47 инчи, направен е во IPS технологија и има резолуција од 1.440 на 720 пиксели. Она што го прави посебен е што околу него има прилично мали рамки. Од Vivax го нарекуваат Infinity, обидувајќи се да асоцираат на Samsung Infinity Display, меѓутоа не очекувајте Fly V1 да воопшто нема рамка од страните како кај моделите на овој поскап конкурент.

Сепак, треба да се земе во предвид дека и Samsung кај своите поевтини модели не користи ваков екран, односно сепак екранот има одредени рамки.

Форматот, односно соодносот на екранот е исто така како кај поскапите модели, а е стандард веќе одреден период. Тој изнесува 18:9, што го прави телефонот нешто поиздолжен и со тоа попријатен за држење поради помалата ширина.

Страните на уредот се направени со метална рамка, додека задната страна иако е од пластика, со таканаречениот Mirror Look, телефонот изгледа како поскапите модели со стаклена заднина.

Fly V1 е привижуван од четири јадрен процесор MediaTek, што може некои корисници да ги стави во мисла за неговите перформанси, меѓутоа ние не наидовме на никакви проблеми. Веќе и Android како оперативен е стигнат далеку од пред неколку години, па случаевите на „сецкање“ и кочење не се ни случуваат, барем не на овој уред.

RAM меморијата со која доаѓа Vivax Fly V1 изнесува 3 GB, додека просторот за складирање вклучува 32 GB. Можноста за додавање на картица е достапна, а нејзиниот капацитет може да биде до 256 GB.

Fly V1 доаѓа и со можност за две SIM картички, што е до некаде стандард за уредите од оваа класа, па корисниците кои се’ уште имаат по два телефони, на две различни мрежи, може да се ослободат место во џебот.

Face ID и Сензор за отпечатоци

Овој уред доаѓа и со можност за отклучување на уредот со камерата, односно Face ID, како и со отпечаток на прстот. Ова дефинитивно го прави уредот попривлечен и вреден за парите, а ваква комбинација од карактеристики обично може да се види кај поскапите модели.

Камера

Телефонот дефинитивно се истакнува со неговите камери. Истите се со 13 мегапиксели на задната и 8 мегапиксели на предната страна. Очигледно е дека телефонот ги таргетира сликачите на селфи, со одличниот број на мегапиксели на предната камера, меѓутоа уште поважно, посебен блиц на предната страна.

Мислам дека нема потреба да ви кажувам колку е важно и колкава разлика прави кога еден уред има блиц на предната страна. Голем дел од селфи сликите, ако не и повеќето за некои луѓе, се прават навечер во темни услови. Сликите едвај се погодуваат како што треба, а често светлото од екранот се користи импровизирано како „блиц“.

Софтвер

Телефонот доаѓа со најновата верзија на Android, 8.1 Oreo. Ова овозможува корисниците да го добијат најновото што го нуди Google, запакувано во посебен кориснички интерфејс од Vivax.

Софтверот има обрнато посебно внимание за камерата, поточно и за селфи делот, па во прилагодувањата се достапни кратки упатства кои ќе им помогнат на корисниците да го извадат максимумот од својот уред.

Фактот што Android верзијата е најновата достапна им овозможува на корисниците да добијат неколку нови функции за кои многу корисници и со поскапи телефони уште ги немаат добиено. Исто така, голем дел од одличните перформанси се должат токму на оптимизираноста на Android до оваа верзија.

Како заклучок на крајот би повториле дека Vivax Fly V1 позитивно не изненади и немаме проблем да го препорачаме на корисниците кои се размислуваат да купат нов телефон во оваа класа.

Претходна статијаiOS 11.3 достапен за сите корисници со најавената Battery Health функција
Следна статијаИсланд: Рајот на криптовалутите
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.