Со нетрпение го дочекавме тест уредот кој од Samsung ни најавија дека како и секогаш ќе ни биде достапен да го пробаме. Навикнати на големиот Note 8, посебно не интересираше каква ќе биде работата со овој „помал“, но сличен уред.

Она што веднаш го добив како заклучок штом почнав да го користам S9 е колку е удобен за користење. Колку е лесен, колку се може лесно да се направи, па и со една рака и колку убаво изгледа генерално екранот.

Одлуката на Samsung да ги прави сите свои модели од високата класа со Infinity Display е одлична. Во толку компактен дизајн, добивате толку простор за прикажување на информации, па доколку не сте љубител на поголеми телефони, овој формат и дизајн дефинитивно се за вас.

Исто така, мене лично, овој стил којшто го користи Samsung ми е многу подобар отколку сега веќе пречесто користените исечоци на горната страна, иако некои производители знаат прилично добро да го имплементираат, па и со можност за „сокривање“.

Да се вратам на кратко повторно кај екранот. Истиот е со големина од големи 5,8 инчи, кои како што кажав овозможуваат многу повеќе информации да може да видите на него, за разлика од „постарите“ смартфони. Ова го нагласувам затоа што сето ова се добива со уред кој е со големина како Galaxy S7-цата на пример која е со 5,1 инчен екран.

Galaxy S9 доаѓа со најновата верзија на Android, поточно 8.0 Oreo и сите предности кои доаѓаат со истата. Мене лично многу корисни ми се покажаа кратенките до одредени функции на иконите на главниот екран, како и можноста да се тргнат известувањата од сите достапни места, без разлика од каде биле тргнати истите.

Доста од овие можности без достапни и во Android 7.1, меѓутоа поради тоа што Samsung ја прескокна оваа верзија, па отиде директно на 8.0, јас првпат имав шанса „убаво“ да ги користам со надградбата на Oreo.

Телефонот го користев наместо мојот главен телефон. Ја префрлив SIM картичката, го искористив „бекапот“ на Samsung сметката и продолжив исто како телефонот да е мој. Ова е и единствениот начин да најдобро добијам претстава за каков уред се работи.

За мене, главната придобивка беше компактноста на уредот. Научен на прилично големиот Note 8, S9-ката ми се погоди некако „лесен“ и удобен за користење.

Брзината на телефонот не треба ни да се споменува, екранот, квалитетот на изработка, камерата која е подобрена од минатогодишниот S8. Телефонот моментално е најдоброто што може да го понудат производителите, чекајќи го развојот на поднесените патенти.

Ова се нашите први импресии, од првите денови со уредот, а следно ќе можете да прочитате дополнителни статии за нашето искуство со S9-ката.

Претходна статијаКонечно најдено решение против пластиката – еве што „ја јаде“
Следна статијаШведска изгради електрифициран пат кој ќе ги напојува возилата
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.