Разликата помеѓу верзиите од телефоните во денешно време не се толку големи како порано, па обично корисниците и немаат некои големи очекувања кога излегува нов модел за годината.
Galaxy S25 Ultra можеби на доста им изгледа како доста мала надградба во споредба со ланскиот модел, но од моето искуство изминатите месец дена со овој телефон, можам да заклучам дека телефонот е можеби најдобар досега.
Промените не се драстични, но Samsung овој пат даде поголемо значење на измена на мали делови, кои на крајот сепак прават огромна разлика, а посебно за добро корисничко искуство.
Промени во дизајнот
Galaxy S25 Ultra не изгледа драстично различно од претходниот модел. Главната разлика е што телефонот веќе не изгледа како коцка, а тоа е поради заоблување на аглите.
Доста ја критикуваат оваа промена, но јас ќе ја препишам на класичното критикување на се што е ново, додека во исто време се критикува што телефоните изгледаат исто.

Заоблените агли кај Galaxy S25 Ultra му даваат според мене многу подобар изглед, а имаат и практична функција. Држењето на уредот сега е доста поудобно, а кога на тоа ќе се додаде и намалената тежина, користењето е навистина пријатно.
Телефонот и оваа година има рамен екран, нешто што за мене беше одлична одлука минатата година кај S24 Ultra. Разликата е што поновиот модел има уште помали рамки околу екранот, па изгледа не остануваат уште многу години кога телефоните од предната страна ќе бидат само екран.

Одличниот One UI 7
Не сакам оваа статија да стане рецензија за софтверот, односно One UI 7, но еден од главните фактори за одличното искуство со Galaxy S25 Ultra е новата верзија од оперативниот систем.
Може да се каже дека и тука нема драстични промени, односно не се работи за целосен редизајн на корисничкиот интерфејс, но има промени кај клучни делови кои ја прават надградбата на One UI 7доста голема.
Неколку новини ја прават најновата верзија од One UI, направена на основа на Android 15, една од подобрите изминатите години.
Првата е доволно големата преработка на кодот која донесува големо подобрување на перформансите. Одамна сум немал ваков коментар за некој Android смартфон, па слободно можам да кажам дека Galaxy S25 Ultra е досега најбрзиот и најстабилен Galaxy уред.
Сите критики кои ги имаа корисниците се исправени, од анимациите, отворањето на апликациите, работата со уредот. Нема дел веќе кој „сецка“ и остава чуден впечаток.
Ова би било доволно за да се каже дека One UI 7 е одлична надградба, меѓутоа од Samsung не застанаа тука.
Софтверот донесува промени кои според мене се одлични, без разлика дали се првпат претставени на некоја од конкурентните платформи.

Одлична новина е додавањето на можноста да се издвојат известувањата и брзите прилагодувања, односно таканаречениот „Quick panel“. Сега делот за известувања ги прикажува само известувањата, а со повлекување од десниот горен дел, се прикажува посебен дел само со брзите прилагодувања.
Делот со брзи прилагодувања сега е многу поорганизиран, може да се прилагодува повеќе, а и побрзо се доаѓа до него.
Секако, Android е оперативниот систем кој овозможува избор, па прилагодувањата може да се избере да се прикажуваат на левата страна, а исто така може да се избере и постариот стил каде што двата дела се споени во еден.

Уште една одлична новина која доаѓа со One UI 7 е наречена „now bar“, како дел од „Live notifications“. Оваа функција првпат ја видовме кај iOS во форма на Dynamic Island, па добро е што од Samsung се имаат одлучено да донесат за корисниците своја верзија.
Во основа, за дел од апликациите, како што е навигацијата со Google Maps, тајмерот, Samsung Health и слични, известувањето за активностите кои се во моментот активни ќе се прикажуваат на посебно дизајниран дел, на долната страна од заклучениот екран, односно на горната лента за известувања.
Со Now bar корисниците добиваат брз информација за активноста која е моментално активна од апликацијата, а сето тоа со одлично дизајниран интерфејс.
Кога сме кај одлично дизајнираните делови, One UI 7 е полн со делови кои се редизајнирани, како што е анимацијата кога се полни телефонот, иконата за батеријата и слично.

Најбрзиот и најдобро оптимизираниот Galaxy телефон досега
Колку и да ми оставија одличен впечаток новините поврзани со дизајнот, како и софтверот, сепак на крајот главното внимание го преземаат перформансите. Знам дека претходните генерации не може да се каже дека имаа проблем на овој план, но скокот е доволно голем за да може да се забележи.
Како причина за ова има неколку фактори. Секако еден од главните фактори е Snapdragon 8 Elite посебно прилагоден за Galaxy. Подобрувањата кои овој чип ги однесува во споредба со ланскиот модел не се мали и тие изнесуваат 37% кај процесорот, 30% кај графичкиот процесор, како и 40% кај процесорот за вештачка интелигенција.
Како и секогаш, покрај кај перформансите при стандардната работа, чипот прави голема разлика и кај процесирањето на сликите, уште еден дел во којшто Galaxy S25 Ultra има доста голема подобрување од минатата година.
Каде се може да се забележи подобрувањето кај перформансите? Буквално во секој дел од работата со Galaxy S25 Ultra, од најмалите ситници, до посериозните работи, телефонот работи без да покаже проблем или забавување.
Да почнеме од обичното разгледување на телефонот и отворање на апликациите. Процесот е видно подобрен и во ниту еден случај на наидов на познатите „сецкања“ кои не ретко се карактеристични за Android смартфоните.
Уште еден дел од работата преку кој се забележуваат одлични перформанси е инсталирањето и ажурирањето на апликациите. На сето ова додава и промената кај Android системот кој сега дозволува симнување и почеток на ажурирањето на три апликации одеднаш, па овој процес е повеќето пати побрз од досега.
На крај мора да се споменат и перформансите при работа со вештачката интелигенција. Galaxy S25 Ultra има цела листа на функции со ВИ, а мислам дека најчесто ќе ги користите тие поврзани со можноста за измена на сликите, покрај двата достапни асистенти, Gemini и Bixby.
Познато е дека овие функции бараат доста процесорска моќ, а дел од нив дури мора да бидат процесирани на серверите од компанијата или Google. Нема некоја ВИ функција која не функционира одлично, односно за која ќе се почека нешто подолго од некоја „нормална“ граница.
На ова треба да додадам и колку е добар резултатот од работата со ВИ, а посебно во делот за измена на слики. На почеток мислите дека овие функции се тука за забава само, но со тек на време се чудите како сте функционирале без нив досега.

Galaxy S25 Ultra останува телефонот со најдобар екран на пазарот
Samsung се познати по своите одлични екрани, а успеваат секоја година да имаат напредок и на тој план. Екранот сега е нешто поголем без тоа да влијае на големината на уредот и удобноста при користење.
На тоа треба да се додаде и подобрувањето кај точноста на боите, како и максималната светлина која може да се постигне, која заедно со слојот за одбивање на светлината од околината, го прават Galaxy S25 Ultra ретко добар за користење надвор на сонце.
Кога првпат почнав да го користам Galaxy S25 Ultra ја имав реакцијата која ја имам секогаш кога го користам најновиот модел од компанијата. Екранот едноставно е толку добар што доколку не продолжите да го користите овој телефон, се друго што имате ќе изгледа како да е доста поевтино и многу полошо.
Ова не е само важно за корисниците кои работат често со слики или тие кои го користат телефонот за професионална работа. Квалитетот на екранот прави разлика и во најобичното секојдневно користење.
Кога е во прашање гледањето на видео содржина, мислам дека повеќето од корисниците немаат ни приближно добар телевизор, па за доста од филмовите ќе се добие претстава како е тие да се гледаат на најдоброто од екраните што постои.
За мене не толку важно затоа што доста добро ги чувам ваквите уреди, но екранот доаѓа и со Gorilla Armor 2, па шансите да биде изгребан при нормална употреба се скоро непостоечки.
Тестирањата до кои можев да дојдам покажуваат дека подобрувањето не е баш мало од минатата година, а решение се голем дел од проблемите кои беа пријавени од страна на корисниците.
Разни други работи
Досега не го споменав S Pen пенкалцето затоа што обично го сметам за додаток кој им користи на одредени корисници. Јас не цртам, а и немам баш најдобар ракопис после толку години на пишување на компјутер или смартфон.
Сепак, S Pen е тука и верувам дека може да му се најде намена од страна на доста корисници, не само тие кои би сакале да цртаат или нешто слично.
Посебно корисна е можноста да се прават брзи белешки, кои и покрај лошиот ракопис, за одредени генерации сѐ уште изгледаат како многу поприроден начин да нешто се запише набрзинка.
Одамна достапната функција Edge Panels би ја издвоил како една од најкорисните ден денес на Samsung смартфоните. Како корисник кој давам големо значење во организацијата на главните екрани, односно не ги нафрлам само било каде иконите без некаков план, страничната лента додава доста на овој план.
Препорачувам да ја користите доколку тоа досега не сте го правеле, а истата овозможува повеќе прилагодувања, односно пристап до одредени брзи ВИ команди, апликации, како и работи како временска прогноза и слично.