Ова е уред кој од самото негово претставување се надевавме дека ќе имаме шанса да го тестираме. Galaxy S10 Lite од Samsung уште при неговата најава се виде дека ќе биде уред кој сигурно ќе го привлече вниманието на корисниците, а најмногу поради тоа што се знаеше дека ќе ги има доста од карактеристиките на неговите „браќа“ од повисоката класа, но со доста пониска цена која влегува блиску до средно високата класа на уреди.

Слободно може да се каже дека веќе доста време не е точно дека само кинеските познати и добри производители нудат одлични телефони по пониска цена. Конкуренцијата си го прави своето, па дефинитивно Samsung Galaxy S10 Lite можеме да го ставиме во оваа одлична и популарна категорија.

Одличен дизајн и карактеристично за Samsung – предобар екран

Тоа што ни се допадна веднаш кај S10 Lite е неговиот изглед, како и екранот, нешто што е главната карактеристика кај сите телефони од Samsung. Едноставно од компанијата си ја знаат работата кога се во прашање екраните, а не е ни за џабе што имаат посебен дел од компанијата кој работи специјално со развој и производство на екрани.

При првото отворање на телефонот веднаш се забележува дека се работи за висока класа, но сепак остава позитивен впечаток што е прилично лесен, што му дава некако добро чувство при работа.

Екранот кај Samsung Galaxy S10 Lite е до големина од 6,7 инчи, што значи дека се работи за уред со голем екран, но поради малите рамки, истото не се забележува многу и не се чувствувате како да користите огромен телефон, како на пример порано кога ќе се пробаше некој од Note телефоните.

Резолуцијата на екранот изнесува 2.400 на 1.080 пиксели, што е доволно за 394 пиксели на инч за одлично читање и гледање на било каква содржина, а тука треба да се додаде и поддршката за HDR10+.

Покрај минималните рамки на предната страна, без заобленоста на Super AMOLED Plus Infinity-O екранот од страните, достапна е само уште предната камера, која е поставена на средината. Ова постојано го нагласуваме дека е најдоброто решение, затоа што од наше искуство, тој дел од екранот и така ретко се користи, известувањата се од страна, па не пречи камерата. За разлика од оваа поставеност, исечок или дупка на страна од екранот, веќе е нешто што според нас пречи во работењето со телефон – недостаток што очекувано и задоволително овој Samsung уред го нема.

Предната селфи камера е со 32 мегапиксели со добар агол за сликање, што значи дека се добива можност да се сместат повеќе луѓе, но не треба да се очекува можност како кај камера со ултра широк агол на сликање која е дел од трите премиум камери на задната страна на уредот.

Оваа одлична предна камера исто така има можност за користење на bokeh ефектот за заматување на позадината со слободен избор дали пред или откако ќе се направи селфи фотографијата.

Под екранот е сместен и сензор за отпечатоци на прстите, што е направен со оптичка технологија, односно отклучувањето оди преку правење на слика од прстот, наместо ултра звучната, а самиот оптички сензор ќе ви овозможи побрзо отклучување.

Од нашето искуство со овој телефон, Samsung Galaxy S10 Lite побрзо и полесно се отклучува од нашиот S20+.

Одлични перформанси карактеристични за уредите од највисоката класа

Galaxy S10 Lite работи на веќе познатиот Snapdragon 855, чипсет направен во 7 нанометарска технологија. Се работи за осум јадрен процесор со 1 јадро со 2,84 GHz наменето за подобри перформанси, 3 јадра со 2,42 GHz и уште 4 јадра со 1,78 GHz наменети за подобра заштеда на батеријата, кога не е потребна голема „сила“ за работа.

Графичкиот процесор е Adreno 640 и од нашето тестирање без проблем успева да ги пушти игрите кои ние ги пробавме.

Телефонот доаѓа со одличен избор од бои, што значи дека не мора да купите класично црн телефон, ако тоа не ви е желбата. Нашиот модел доаѓа со одлична бела боја, која е сјајна, односно одлично ја одбива светлината од различни агли.

Одличниот истакнат модул за камери, а кај Galaxy S10 Lite ги има три

На задниот дел од телефон е поставен само модулот за трите камери, а тој е направен во сега популарниот формат на истакнат правоаголник. Нас лично многу ни се допаѓа овој стил на модул, а посебно на телефоните од Samsung.

Големината на модулот одлично се вклопува во телефонот, а само Ultra моделот од S20 серијата има поголем модул. Нас никогаш не ни правело разлика дали телефонот може да се постави рамно на масата и да не мрда и не ни е јасно зошто во тестовите на телефоните многу често ова се зема во предвид.

Задните камери кај Samsung Galaxy S10 Lite се три и доаѓаат со сензори со 48 мегапиксели кај главната Super-steady камера и f/2.0. Втората камера има сензор со 12 мегапиксели и ултра широк агол за сликање и f/2.2, додека третата камера е со 5 мегапиксели и е наменета за сликање на предмети од блиску, односно за сликање на портрети.

Корисниците со овој телефон добиваат можност за сликање до 4K резолуција до 60 fps, додека ако се избере Full HD резолуцијата може да се сликаат и бавни видеа со 240 fps.

Одличниот OneUI во неговата 2.1 верзија направен на основа на Android 10.0

OneUI е прав погодок од страна на компанијата, па нас лично корисничкото искуство ни се допаѓа повеќе од таканареченото „Vanilla Android“ искуство, односно чист Android како што го има замислено Google.

Иконите се одлично замислени, а може и да ги промените, можностите за прилагодување на телефонот и главниот екран се доволни за да може да се добие тоа што се сака, но не премногу за да корисникот се изгуби и да не знае веќе што да направи.

Пред OneUI обично користевме некој друг „launcher“, но сега не само што нема потреба, го преферираме овој од Samsung. Едноставно е направен како што треба и не гледаме причина да препорачаме користење на друг, а знаеме дека понапредните корисници веќе се имаат одлучено за својата најдобра алтернатива.

Неколку совети за подобро корисничко искуство

Кога ќе го вклучите вашиот нов Galaxy S10 Lite и ќе го поминете почетното прилагодување, препорачуваме да ја симнете Smart Switch апликацијата од Samsung преку која ќе можете да ги префрлите сите ваши податоци од претходниот телефон. Не е важно кој бил вашиот претходен телефон, Smart Switch ќе ја заврши работата преку кабел или безжично.

Samsung исто така овозможува зачувување на вашите податоци и информации на вашата Samsung сметка, па доколку вашиот претходен телефон бил Samsung и ја имате користено backup функцијата, податоците можете да ги вратите назад и од „облакот“.

Препорачуваме да користите ваков начин на враќање на податоците, а посебно ако не сакате да губите време повторно да ги симнувате вашите апликации и да го местите вашиот главен екран.

Наредно што би препорачале од прилагодувањата на телефонот е да го вклучите прикажувањето на процентот од батеријата на горната лента, односно на „Status bar“ лентата. Ова се вклучува преку Notifications > Status bar, па последната можност, Show battery percentage.

Наредно, во Display е достапна можноста за вклучување и исклучување на темниот режим на телефонот, а ние препорачуваме да копчето за режимот го наместите погоре на лентата за известувања. Исто така, преку Display > Dark mode settings, можете да наместите темниот режим автоматски да се вклучува и исклучува во одредено време, а ние препорачуваме да ја изберете можноста Sunset to sunrise.

Уште една одлична новина кај OneUI е можноста да се затемни малку позадината кога е вклучен темниот режим, а истото се вклучува исто така преку Dark mode settings, со избор на можноста Apply to wallpaper.

Со најновата верзија од OneUI исто така достапен е и новиот начин за навигација низ системот од Android. Нас овој начин на навигација преку гестикулации ни се допаѓа повеќе и сметаме дека е попрактичен, па препорачуваме да го вклучите. Истото се прави преку Display > Navigation bar > Full screen gestures.

Always On Display е нешто што „мора“ да го вклучите кај вашиот Galaxy S10 Lite. Тоа се прави преку Lock screen > Always On Display. Во овој дел ви се достапни прилагодувања за тоа кога да се вклучува оваа функција, кои информации да ги прикажува, а имате и избор од повеќе стилови на часовникот за да се погоди вашиот вкус.

За потсетување, Always On Display ја искористува карактеристиката на OLED екранот да ги вклучува само тие пиксели кои прикажуваат информација, со што овозможува прикажување на часовникот и други информации на екранот, без притоа да прави потрошувачка на батеријата која би ја забележале.

Уште еден совет би вклучиле во оваа статија, нешто што самиот телефон на почетокот ќе ве праша дали сакате да го вклучите, а тоа е зачувување на вашите отисоци од прстите. Тоа се прави во Biometrics and security, каде ќе треба да поминете кратка процедура на оставање на отисокот, по што многу лесно и брзо ќе можете да го отклучувате вашиот телефон.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Камера
Перформанси
Цена
Претходна статијаИдеа Лаб со тимска еко акција на Маврово: СТОП за уништувањето на природата
Следна статијаДури пет моќни нови уреди на компанијата Samsung
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
samsung-galaxy-s10-lite-e-odlicen-izbor-za-nov-telefon-za-ova-letoSamsung Galaxy S10 Lite е одличен телефон кој слободно може да се стави во категоријата на телефони од високата класа, но со пониска цена. Мислиме дека е достапен за повеќето корисници кои сепак не сакаат да дадат над 1.000 евра за телефон, а сепак да добијат уред кој нема да биде евтин.