Samsung оваа година изненади и претстави два модели од Note серијата, наместо еден како досега. Galaxy Note10 и Galaxy Note10+ се двата нови телефони моментално најдобрите од Samsung.

Со ова тие ќе им овозможат избор на повеќе категории на корисници кои сакаат да имаат уред од највисоката класа, но можеби не баш најскапиот и најдобар.

Ние го имавме на тест моментално најдоброто од Samsung, Galaxy Note10+ и мора веднаш да кажеме дека првата реакција беше, „морам да купам еден веднаш“.

Тоа што најмногу остава впечаток, веднаш, е екранот, а тоа секогаш е случајот со оваа категорија од Samsung. Рамките кај Note10+ се досега најмали од сите претходни модели, а поставувањето на мала дупка за едната предна камера на средината, наместо десно, мислам дека е многу подобро решение.

Не е само големината на екранот која прави да не сакате да престанете да го користите телефонот. Тука е и самиот квалитет. Samsung секоја година го држи првото место за своите екрани, па и овој пат тоа сигурно ќе биде случајот. Гледањето на видео, читањето на текст и воопшто работата со екранот на Note10+ е нешто што нема да ви оди во корист на зависта од мобилните телефони, затоа што овој уред нема да сакате да престанете да го гледате, односно користите.

Екранот кај Note10+ е со големина од 6,8 инчи и има резолуција од 3040 на 1440 пиксели. Има одличен однос на екран спрема остатокот од уредот од 91%. Тоа е тоа што го мислам кога викам дека овој телефон скоро и да нема рамки, а и предната камера е многу добро решена со поставеноста.

Намалувањето на рамките прави да иако овој телефон има нешто поголем екран од ланскиот модел, односно од годинешниот помал модел, тој сепак успева да ги задржи димензиите на кои корисниците се навикнати. Чувањето во џебот или било каде друго, нема да претставува проблем, барем не повеќе од тоа што се очекува од Note серијата која секогаш се карактеризирала со големи уреди, а ова е и серијата која ја направи оваа категорија на уреди популарна во светот.

Како што би се очекувало од телефон од оваа класа, екранот доаѓа со поддршка за HDR10+ што значи дека гледањето на Netflix, на пример, е одлично искуство на овој голем екран. Јас лично се почесто почнав Netflix да гледам од мобилниот, посебно пред спиење, па со Note10+ тоа е и посебно задоволство. Таблет компјутерот којшто го имам и најчесто го користам за гледање на видео и читање, воопшто немав потреба да го користам додека го имав Note10+ кај мене.

Кога е во прашање Galaxy Note серијата, перформансите се секогаш нешто за кое нема потреба да се пишува. Овие уреди секогаш го имаат моментално најдоброто што е достапно, а со се подобрата оптимизација на Android и OneUI од Samsung, перформансите стануваат навистина нешто на кое и нема да помислите со Note10+.

Сепак, да истакнам дека Galaxy Note10+ работи на Snapdragon 855, но за нашиот пазар повеќето корисници ќе го имаат чипот од Samsung, Exynos 9825. За овој чип се пишува дека за првпат овозможува подобри перформанси од тој на Qualcomm, па корисниците кои се на нашиот пазар, ја имаат и таа мала предност.

RAM меморијата на уредот оваа година му е огромни 12GB, но за разлика од друг пат кога коментирам дека за еден мобилен уред тоа не е потребно, во случајот со Note тоа секако ќе се покаже како корисно.

Причината за тоа е една од поинтересните и корисни функции на Note10+, а тоа е можноста за поврзување со надворешен екран и користење на телефонот како десктоп компјутер. Ако додадете и тастатура и маус, а вашата работа во главно подразбира работа со документи и веб страни, во многу ситуации компјутер и нема да ви треба.

Како и да е, DeX режимот на работа е повеќе замислен да ја тргне потребата од носење на лаптоп кога се оди на пат или слично, а тоа секако може одлично да го направи.

Оваа година, поради поголемата соработка со Microsoft, DeX работи и на Windows 10, односно се што треба е да го поврзете Note10+ со USB кабелот и вашиот компјутер, да ја инсталирате апликацијата која ќе ви биде прикажана при поврзувањето и да го користите вашиот мобилен на вашиот компјутер.

Го пробав овој режим на работа и можам да кажам дека функционираше одлично. Секако, ова нема да го замени мојот компјутер, но е одличен начин да се завршат одредени работи со апликации кои ги нема на Windows 10.

Би сакал да го споменам, иако Samsung првпат го воведе кај S10 серијата, сензорот за отпечатоци по екранот. Користењето на уредот го прави многу попрактичен, а брзината на отклучување е одлична, многу подобро од поставување на сензорот на задната страна.

Како и секоја година, камерите на Note добиваат надградба и стандардно се едни од најдобрите на пазарот. Оваа година се достапни 3 камери на задната страна, односно 4 ако се брои и VGA камерата за проценка на далечината на објектите, за детектирање на гестикулации и слично.

Останатите три сензори се со 12, 12 и 16 мегапиксели, два од нив овозможуваат широки и ултра широки слики, нешто што стана стандардно кај камерите и овозможува сликање на повеќе луѓе или одлични пејзажи.

Предната камера има сензор со 10 мегапиксели и повторно да нагласам дека оваа камера е поставена во самиот екран, односно се гледа само како една мала дупка, со што остатокот од екранот е достапен за прикажување на слика.

За крај секако мора да го споменеме и S Pen пенкалцето кое е карактеристично за Note серијата, а оваа година е направено да биде навистина корисен додаток кој нема да се користи само за пишување на екранот.

S Pen сега може да се користи со гестикулации, односно со кратки движења на пенкалцето пред телефонот, може да се промени песната која се слуша, да се промени камерата која се користи, да се слика и слично.

Ова е сепак функција која ќе им користи на професионалците, а ова секако е категорија на телефони која е користена од нивна страна.

ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Екран
Перформанси
Камера
S Pen
Претходна статијаVolvo го претстави својот прв целосно електричен автомобил
Следна статија10GB за опуштено сурфање со А1 припејд
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
samsung-galaxy-note10-ostanuva-najdobroto-na-pazarotGalaxy Note10+ е дефинитивно повторно телефонот којшто корисниците ќе го изберат. Тој ја нуди најновата технологија која е достапна, во нов дизајн кој скоро и да нема рамки околу екранот. Удобен е за користење и чувството кое го овозможува при користење е нешто што може само да се доживее, а не и да се објасни.