Deutsche Telekom, односно во нашата земја Македонски Телеком, во својата понуда на смартфони за корисниците додадоа и два модели направени под нивниот бренд, односно T Phone и T Phone Pro.

Како што беше истакнато на официјалната презентација на телефоните, целта на Телеком е да на корисниците им понуди смартфон со 5G можности, карактеристики во средната класа, а по цена која е и повеќе од конкурентна.

Со достапноста на два различни модели корисниците добиваат поконкретен избор за нивните потреби, а и кај двата има некои основни функции, како што е 5G поддршката за мрежата која во нашата земја веќе е пуштена. Ова значи дека сите корисници сега ќе можат да ги добијат предностите од новата генерација на мрежи, без разлика колку се спремни да платат за нивниот телефон.

На тестирање го имаме подобриот модел, односно T Phone Pro, да видиме каков уред ни имаат спремено од Телеком, а посебно каков е тој во споредба со конкуренцијата, која кај овие уреди и не е баш мала.

Од тоа што можеме да забележиме, според карактеристиките и цената, T Phone Pro има доволно пониска цена за да корисниците се одлучат за него, па остануваат само очекувањата за перформансите и корисничкото искуство, а затоа сме ние тука тоа да го провериме.

Одлично дизајниран телефон кој е остава одлично чувство при користење

T Phone Pro има одличен дизајн, па иако се работи за вкус, за нас тој е меѓу подобрите во својата класа. Посебно се истакнува рамната рамка околу уредот која прави да држењето и користењето се многу повеќе пријатни од најчесто користените заоблени страни кај Android конкурентите.

Целата изработка од телефонот, која е од пластика, е направена во мат изведба, нешто што секогаш нас посебно ни се допаѓа. Модулот во кој се поставени четири камери и сијаличката за сликање е скоро целосно израмнет со задниот дел, односно е дискретен во споредба со денешните трендови на константно зголемување.

На левата страна од телефонот е поставен само „слотот“ за SIM картичката, што значи дека ништо друго не ја нарушува „мазноста“ на рамката. Копчињата се поставени на десната страна, а копчето за заклучување е скоро израмнето со рамката и во него е вграден сензорот за отпечатоци.

На долната страна се поставени влезот за слушалки и полначот, како и звучникот и еден микрофон, а уште еден е поставен на горната страна.

Се на се, одлично дизајниран телефон кој е супер на око, како и на рака при користење.

На предната страна рамките можеби не се најмалите кои ќе ги видите кај смартфоните, но се доволно мали и не се добива впечаток дека е потребно дополнително намалување. Ова можеби да не важи за рамката на долната страна, односно како што ја нарекуваат „брадата“, но ние не гледаме проблем кој го менува корисничкото искуство.

Предната камера е поставена во таканаречениот „солза“ исечок, нешто што е карактеристично за оваа класа на телефони изминатите години, а е можеби и подобро решение во споредба со само дупка.

Чисто Android искуство направено во соработка со Google

Иако од Телеком акцентот сакаат да го стават на 5G, сепак главната карактеристика според нас кај T Phone Pro е неговиот оперативен систем. Истиот е чист Android кој остава впечаток дека се користи Pixel телефон од Google. Се што од Google го имаат замислено за Android, е во неговата оригинална форма достапно тука, а најважно од се, Google изминатите години го направи системот доста независен, односно веќе не му фалат некои од одличните функции кои обично ги додаваа другите производители на смартфони.

Ова значи дека со T Phone Pro се добива смартфон кој е едноставен и лесен за користење, без непотребните апликации кои ги инсталираат другите, како и без многу додатни функции кои корисниците ретко ги користат, а посебно кај овие класи на телефони.

Користењето на чист Android влијае и на брзината на работа на телефонот, а соработката со Google која ја имаат од Телеком при неговото дизајнирање овозможува максимална оптимизација за одлични перформанси.

Една предност која не треба да се заборави при користењето на чист Android е достапноста уште од почеток на Google апликациите, како Phone, Photos и слични. Овие апликации обично овозможуваат нешто повеќе функции од другите алтернативи, па не се ретки корисниците кои на своите уреди ги инсталираат овие апликации наместо да ги користат тие од нивниот производител.

Одлични карактеристики и задоволителни перформанси на кои нема да размислувате

T Phone Pro доаѓа со не баш мал екран од 6,82 инчи, нешто што гарантира дека секој вид на содржина ќе може одлично да се „консумира“. Резолуцијата е 1640 на 720 пиксели и нивна густина од 262 пиксели на инч.

Телефонот работи на MediaTek Dimensity 700 чип со осум јадра, има четири задни камери и една предна.

Како што веќе напишавме, телефонот работи на чист Android, поточно Android 12 и оптимизацијата и едноставноста доаѓаат до израз при користењето.

Тоа што можевме да го забележиме е дека T Phone Pro работи подобро од што очекувавме. Една од основните работи по кои може да се забележи работата на еден телефон е брзината на инсталација и надградба на апликациите, па би можеле да кажеме и дека бевме позитивно изненадени.

Втората работа која е голем показател за какви се перформансите на еден телефон е сликањето на слики. Од вклучувањето на камерата и нејзина спремност за сликањето, до самиот процес на сликање, односно брзината на сликањето и можноста веднаш да се префрли телефонот во друга активност, е поважно од било кој „бенчмарк“ кој дава релативни резултати.

T Phone Pro се покажува одлично според факторите кои ние ги зимаме во предвид, а повторно, сме и до некаде изненадени од перформансите.

Батеријата кај овој телефон е уште една од карактеристиките кои се истакнуваат, со одличниот капацитет од 5000 mAh и брзо полнење од 15W. Можеби брзината на полнењето не е којзнае колкава, сепак е задоволителна и влегува во категоријата на брзо полнење.

Со одличниот чип, број на пиксели и начин на оптимизација, T Phone Pro успева да го помине денот на едно полнење без никаков проблем. Тоа што ќе се обидувате да го направите е да го поминете и вториот ден, но тоа веќе зависи од начинот на користење. Некои денови едноставно може да се случи да и по втор пат се полни во истиот ден.

Карактеристики на T Phone Pro
КамераЗадна: 50MP Главна + 5MP Ултраширока + 2M Длабочина + 2MP Макро + LED блиц. Предна: 16MP, 2K @ 30fps видео
Меморија6GB RAM / 128GB ROM / до 2TB Микро SD картичка
Батерија5000 mAh со USB C + 15W брзо полнење + безжично полнење
5GДА
ChipsetMediaTek Dimensity 700 / Octa Core – 2* 2,2GHz + 6*2GHz
Екран6.82” HD+  w/2.5D стакло
БезбедностОтклучување со препознавање на лице и сензор за отпечаток
Водоотпорна заштитаIP52 / IPX2
NFCДА
СлушалкиПоддржува 3.5mm приклучок за слушалки
Оперативен системAndroid 12 + OS Upgrade MR
Димензии173.92mm x 77.8mm x 8.99mm
Тежина214g
ПРЕГЛЕД НА ОЦЕНКАТА
Дизајн
Перформанси
Камера
Корисничко искуство
Претходна статијаМаск повторно сака да го купи Twitter
Следна статијаMeta ќе прикажува реклами на нови позиции на Instagram и Facebook
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.
recenzija-t-phone-pro-odlicen-dizajn-super-performansi-cisto-android-iskustvo-i-odlicna-cenaT Phone Pro дефинитивно е телефон кој можеме да го препорачаме. Неговата класа, односно карактеристики и перформанси се далеку на повисоко ниво од неговата цена, а посебно кога телефонот би се земал како дел од договор. Одличен дизајн, заедно со чисто Android искуство и 5G поддршка, прават да Телеком има одличен телефон во нивната понуда.