Lenovo-Vibe-C-recenzija (1)

Ова е веќе вториот телефон од Lenovo кој го тестираме на Смартпортал. Првиот, Lenovo Vibe S1 не импресионираше со премиум карактеристиките и особено предната камера, која е веројатно една од најдобрите во бизнисот, воопшто. Lenovo Vibe C е друг тип на ѕверка – се работи за телефон кој е дизајниран со цел да има што пониска цена (0 денари во Vip на 2 години договор во L тарифа) и да биде достапен на што поширока група на купувачи.

Затоа и очекувањата од него не смее да бидат преголеми – првите недостатоци на телефонот, барем за корисник кој користи телефони од повисоките класи, се видливи уште при првото вклучување. Но, прашањето е дали во својата класа Lenovo Vibe C има адути за натпреварување? Одговорот лежи подолу во текстот.

Дизајн и хардвер
Vibe C е еден генерички дизајниран паметен телефон. Целосно е изработен од црна пластика и не се обидува да го скрие тоа дека се работи за поевтин уред. Единствени елементи кои ја разбиваат досадата се копчињата поставени на десната страна, кои се во сребрена боја и се лесно достапни и за левучарите и за деснаците, но тоа сепак се чини не е доволно за овој телефон да измами погледи од околината. Исто така, капацитивните копчиња во долниот дел се чини можеа да бидат малку побели и да имаат осветлување, но барем лесно е да се навикнете на нивната позиција.

Lenovo-Vibe-C-recenzija (3)

Приклучоците за полнење и слушалки се поставени во горниот дел на телефонот. Додека тоа е нормално за оној за слушалки, поставеноста на влезот за полнење во горниот дел значи дека ќе треба константно да го прилагодувате држењето на телефонот за да не ви пречи кабелот. Звучникот пак е поставен во задниот долен дел на телефонот и вади изненадувачки чист, иако не претерано гласен звук.

Lenovo-Vibe-C-recenzija (2)

Дисплеј
Екранот има големина од 5 инчи, што стана веќе стандард кај паметните телефони. Резолуцијата е 854×480 пиксели и панелот е TN, односно не е IPS. Според тоа и самите податоци кажуваат за каков дисплеј ќе се работи. Пикселите се јасно видливи, боите не претерано длабоки, контрастот послаб и видливоста отстрана ограничена. Да, се работи за поевтин паметен телефон и ова е делумно очекувано, но ќе бевме среќни доколку Lenovo вградеше IPS дисплеј.

Lenovo-Vibe-C-recenzija (4)

Дали ова ќе им пречи на корисниците на овој паметен телефон е пак друго прашање. Доколку ова е првиот ваш паметен телефон или пак претходно сте имале помал и прилично постар модел од пред неколку години, дисплејот сигурно ќе биде употреблив – доволно е голем и овозможува солидно искуство при гледање видеа, со што не можат да се пофалат другите модели во оваа класа, кои имаат дисплеи со големина до 4,7 инчи.

Софтвер
Lenovo Vibe C доаѓа со вграден Android Lollipop 5.1.1. Надградба на Marshmallow не е најавена, а и тоа ретко се случува во овие класи. Врз Android, Lenovo го има вградено својот дополнителен скин, кој донесува целосно нова иконографија и изглед на оперативниот систем, но и го тргнува лансирачот на апликации, односно таканаречениот “App Drawer”. Тука, сите нови апликации ќе се инсталираат на почетните екрани, како кај iPhone, што после некое време може да направи премногу гужва, особено ако сакате да имате и виџети на нив… Lenovo има спремено и апликација Theme Center, на која може да се менуваат темите на телефонот, што е добра вест за оние кои сакаат дополнителна персонализација.

Lenovo-Vibe-C-recenzija (6)

Перформанси
Од телефон од најниската класа не може да се очекува дека секогаш ќе работи мазно и без сецкање. И да, после две недели користење може да потврдиме дека ако го „напнете“, Vibe C може да закочи. Сепак, ова е случај со скоро сите Android телефони со Snapdragon 210 чипот кој има четири јадра на 1,1 GHz и 1 GB рам меморија.

Доколку не сте корисник кој користи многу сериозни апликации или пак редовно „дреме“ на својот паметен телефон, ова нема да претставува проблем, но за оние посериозните корисници, сепак е препорака да одвоите малку повеќе и да земете уред со барем Snapdragon 410 (или еквивалтентен MediaTek) и 2 GB рам. Ова важи за сите телефони со Android.

Lenovo-Vibe-C-recenzija (7)

Lenovo инаку вградува 8 GB внатрешен простор, кој може многу брзо да се наполни со инсталирање на игри или пак симнување музика, па затоа препорака е да земете micro SD картичка – телефонот може да прими до 32 GB.

Батерија
Lenovo Vibe C има лесно достапна и променлива батерија со капацитет од 2.300 mAh. Иако на хартија делува малку, лесно успеав да извадам повеќе од еден ден користење, дури и ако поминував многу време со вклучен екран. Заслужни за ова се веројатно штедливиот процесор и дисплејот со помала резолуција, но и оптимизацијата во софтверот од Lenovo. Со Vibe C, дефинитивно нема да имате проблем со траењето на батеријата!

Камера
Задна камера со 5 мегапиксели без автофокус и предна со 2 мегапиксели без автофокус – ова само делумно ја раскажува приказната за квалитетот на фотографиите на Vibe C. Од него не очекувајте премногу – задната камера е солидна во дневни услови, но скоро и неупотреблива ноќе, кога за да го намали шумот, претерано ги замачкува фотографиите и тие после изгледаат како цртеж со темперни бои…

Lenovo-Vibe-C-kamera (6)
Фотографија во малку потемни услови

Исто така, HDR модот помага при зголемувањето на динамичкиот опсег, но од друга страна вади чудни артефакти и на пример ги избледува боите во потемните делови. Подолу е и пример од тоа, па оценете сами дали ви се допаѓа.

Vibe-C-kamera-HDR

Недостатокот на автофокус значи и дека може да се откажете од макро фотографиите, бидејќи телефонот не може да извади остри фотографии сликани од близина, но од друга страна значи дека камерата сликнува веднаш откако ќе стиснете на копчето.

Lenovo-Vibe-C-kamera (1)
Остра макро фотографија е скоро и невозможна без автофокус

Предната камера пак е прилично солидна со оглед на класата и може да извади резултати кои ќе бидат добри за социјалните мрежи, особено во дневни услови.

Телефонија и поврзување
Lenovo Vibe C е еден од ретките телефони во ниската класа кој има 4G поврзување, што значи дека може да очекувате прилично високи брзини на интернет во мрежата на Vip. Повиците пак се јасни и чисти, додека немавме проблем ниту со Wi-Fi поврзувањето.

Заклучок
Доколку веќе сте користеле уред од високата класа, лесно да бидете разочарани од Vibe C или пак од било кој друг евтин Android телефон. Сепак, кога цената ќе се стави во равенката, работите се кристализираат и на Vibe C може да му се простат неколкуте недостатоци.

Lenovo-Vibe-C-recenzija (8)

Навистина, дисплејот не е особено добар и процесорот не е особено брз, но од друга страна, благодарение на долгото траење на батеријата, овој телефон ќе може да го користите и откако ќе се исклучи смартфонот од високата класа на вашите пријатели. А меѓу телефон кој работи и телефон кој не работи, се знае на што паѓа изборот.

Секако, за да одлучите дали овој телефон е за Вас, можете да поминете во некој од салоните на Vip и сами да го погледнете, имајќи ги на ум работите кои ги изнесовме погоре, како на пример квалитетот на фотографиите и траењето на батеријата. Само така ќе можете да го направите вистинскиот избор!

Претходна статијаOlli – автономен минибус кој ќе го користи Watson од IBM да разговара со патниците
Следна статијаПредлог закон во Русија бара вградување на задолжителен заден пристап до енкриптираните пораки