BLU-recenzija-(20)

Евтини телефони кои не се од Кина? Да, постои и тоа. BLU Products е производител на паметни телефони од Мајами, Флорида, чија главна цел е да понуди уреди кои изгледаат како да се од повисоките класи, но кои имаат многу ниска цена.

Благодарение на Никофон, имав можност да поиграм со два одлични 5 инчни телефони на BLU од средната класа, кои имаат скоро исти внатрешни компоненти, но различен дизајн – Studio One и Life Mark. Се работи за модели кои ќе понудат одлично смартфон искуство за многу корисници, пред сѐ благодарение на одличниот спој на дизајн, изработка и перформанси.

Дизајн и хардвер
Двата уреди имаат прилично различен дизајн – Studio One има метална рамка од страните и стаклен заден дел кој не може да се отвори, додека Life Mark има метална рамка од страните, но пластичен заден дел кој може да се отвори. Настрана функционалноста, Studio One е телефонот кој треба да го изберете доколку сакате поубав дизајн и поквалитетна изработка.

BLU-recenzija-(8)

Едноставно, Studio One лежи подобро во рака – металната рамка не ги „сече“ прстите и целосно телефонот делува многу поцврсто. Секако и Life Mark има солидна изработка, но доколку сакате паметен телефон кој ќе изгледа поскапо и полуксузно, Studio One е тој што треба да го купите.

Сепак, многу од вас веројатно веќе открија – Life Mark има еден друг адут, а тоа е читач за отпечатоци на прстите во задниот дел, кој работи изненадувачки одлично. Во 10 дена користење, не успеа да го прочита мојот прст само 4-5 пати, што за вака евтин телефон е одличен резултат. Згора на тоа, прилично брзо го препознава прстот и го отклучува телефонот, односно за малку повеќе од една секунда.

BLU-recenzija-(4)

Покрај оваа разлика, двата телефони имаат и различно поставени звучници – кај Studio One тој е во долниот, додека кај Life Mark во задниот дел. Голема разлика во квалитетот на звукот нема – и двата звучат просечно, но при гледање видеа оној кај Studio One звучи погласно од едноставна причина што е поблизу до увото на корисникот.

Во поглед на поставеноста на копчињата и двата телефони се исти – поставени се од десната страна и се лесно достижни за прстите и на двете раце.

BLU-recenzija-(15)

Дисплеј
И двата уреди имаат подеднакви дисплеи со големина од 5 инчи и HD резолуција од 1280х720 пиксели, што значи дека нема да бидат остри како кај моделите со Full HD резолуција, но за повеќето корисници и ова е сосема доволно.

BLU-recenzija-(9)

Дисплеите и кај двата модели инаку прикажуваат природни бои, солиден контраст и добра видливост на сонце. Солидни се и аглите на гледање – дури и при максимално странично гледање, нема премногу промена на боите и помал пад на контрастот.

BLU-recenzija-(1)

Секако, не очекувајте дека ќе бидат на нивото на телефоните од високите класи, но споредено со телефоните кои чинат подеднакво, ќе биде тешко да најдете подобар уред. И како корисник кој веќе подолго време има телефон со Full HD резолуција, можам слободно да кажам дека немав никаков проблем со дисплеите на овие два уреди.

Софтвер
Една работа што особено многу ми се допаѓа кај производителите на поевтини телефони е што не ставаат посебни скинови над Android, во овој случај Lollipop 5.1. Овде, оперативниот систем е онаков како што го замислил Google, без позначајни промени во изгледот и функционалноста. Изгледа унифицирано, чисто, минималистички и модерно. Ги има и сите функционалности што треба да ги има еден мобилен оперативен систем. Оригинално Android искуство.

BLU-recenzija-(18)

Перформанси
И двата телефони доаѓаат со вграден Mediatek MT6735 процесор, кој има четири Cortex-A53 јадра на 1,3 GHz и Mali-T720 графика. Се работи за чип кој конкурира на Snapdragon 400 и кој е доволно добар за секојдневно користење на стандардните апликации, како социјални мрежи и сл.

Тука особено ми се допаѓа што е помогнат од 2 GB рам меморија, што е повеќе од скоро сите конкуренти од овој ценовен ранг и што придонесува за мало забавување на уредот дури и ако работат многу апликации во позадината. Исто така, ова значи дека оперативниот систем ќе држи повеќе апликации пуштени во позадина, односно брзо ќе ве враќа таму каде што сте биле последен пат во самата апликација.

BLU-recenzija-(17)

Спојот на чипот и графиката сепак не е наменет за играње на најтешките 3D наслови кои ги сакаат гејмерите, што е и очекувано, но затоа има доволно моќ за да ги играте сите помали популарни игри од Play Store без паѓање на фрејмови, забавување или пак намалување на квалитетот на графиката.

На крај, ѝ двата уреди доаѓаат со вградени 16 GB простор со можност за проширување со micro SD картичка до 64 GB. Ова е навистина одличен простор со оглед на класата, каде сите телефони најчесто доаѓаат со 8 GB вграден простор, што е многу малку за Android. Со BLU Studio One и BLU Life Mark дефинитивно нема да имате проблем со малку простор за инсталирање нови апликации, сликање фотографии, симнување музика итн.

Батерија
И двата уреди имаат батерија со капацитет од 2.300 mAh, која е сосема доволна за целодневно користење во стандарден режим, односно повремено проверување на социјалните мрежи, гледање YouTube видеа, слушање музика и сл. Телефоните можат да издржат до крајот на денот дури и со малку посериозно користење, но не очекувајте дводневно траење на батеријата. Во стендбај, забележав многу мало користење на батеријата, што е веројатно последица на оптимизираноста на Android Lollipop 5.1.

BLU-recenzija-(6)

Камера
Studio One и Life Mark имаат подеднакви камери – задна со 13 мегапиксели и f2.0 бленда и предна со 5 мегапиксели. Се работи за солидни камери со оглед на класата, но не очекувајте чуда – ноќните фотографии со задната камера ќе имаат многу шум, додека денските нема да имаат најдлабоки бои и висока острина кога ќе се зумираат (тука помага HDR модот вграден во камерата, кој препорачувам да се употребува). Сепак, доколку ги споредиме со конкурентите во класата, Studio One и Life Mark се меѓу најдобрите – за овие пари има и многу полоши камери. Во примероците долу можете да ја видите целосната фотографија, како и исечок од 100% зум на фотографијата.

Collage_Fotor-2 copy
Денска фотографија
Collage_Fotor-1 copy
Фотографија при послаба светлина
Collage_Fotor copy
Споредба на стандарден и HDR мод на фотографирање
IMG_20160427_121140 copy
Неизбежното селфи (предна камера)

 

Предната камера страда од истите проблеми како задната, но релативно високата резолуција од 5 мегапиксели значи дека селфијата што ќе ги ставите на социјалните мрежи нема да изгледаат воопшто лошо. Всушност, двата модели на BLU имаат подобри резултати дури и од некои поскапи модели, што е за пофалба.

Телефонија и поврзување
Studio One и Life Mark имаат можност за две сим картички, нешто што стана пракса во пониските класи. Максималната брзина на поврзување е 3G и е прилично стабилна на нашите мрежи. Повиците се инаку чисти и јасни, но би сакал звучникот да беше малку погласен при користење како “Speakerphone” односно без раце. И двата уреди имаат Bluetooth 4.0 поврзување со многу мала потрошувачка на енергија, Wi-Fi, FM Radio и A-GPS за брзо позиционирање.

BLU-recenzija-(16)

Заклучок
Повторно уреди со пониска цена и повторно позитивни импресии. Дефинитивно, денес е тешко да се најде лош паметен телефон. А Studio One и Life Mark на BLU не само што не се лоши, туку слободно ќе кажам нудат одлично смартфон искуство. Секако, не очекувајте камера која ќе конкурира на онаа од Galaxy S7 или пак перформанси во игрите како кај iPhone 6S, но за секојдневно користење и два уреди се и повеќе од доволно добри.

BLU-recenzija-(13)

Всушност, за цената по која се нудат скоро и да нема подобри телефони во класата. Етаблираните производители како Samsung на пример имаат конкуренти тука, но истите се со послаби перформанси, полоши дисплеи и камери. Тука, купувачот навистина добива повеќе за своите пари. Исто така, без грижи околу евентуалната промена на деловите – Никофон ветува целосна сервисна поддршка, а и двата уреди доаѓаат со заштитна фолија за дисплејот и посебна футрола за заштита.

BLU-recenzija-(7)

Но, за кој од двата да се одлучите? Цената е иста – 9.900 денари во Никофон, што го прави изборот уште потежок. Јас би рекол дека оние кои се загрижени за дизајнот и чувството во рака, да го изберат Studio One, додека оние кои сакаат да се подобро заштитени со читачот за отпечатоци на прсти, да го изберат Life Mark. На крајот на краиштата, најдобро е да отидете до салоните на Никофон и да ги погледнете и почувствувате телефоните – Вашите импресии не мора да се исти со моите!

Претходна статијаGoogle претстави план за користење на HTML5 како стандардна технологија во Chrome
Следна статијаКопчињата на оваа тастатура реагираат различно на секој прст на раката