Старата добра Motorola, сега под капа на Lenovo, го лансираше веројатно најинтересниот свој смартфон досега. Moto Z линијата можеби не е првиот модуларен смартфон на пазарот, но дефинитивно најкорисен, бидејќи нуди дополнителни “Moto Mods” елементи кои навистина можат да го подобрат, односно прошират целосното искуство. Имав можност веќе една недела да се дружам со знаменосецот на Lenovo (Motorola) и еве ги моите први импресии.

Уште со самото отпакување наидов на нешто што не го очекував. Иако на фотографиите Moto Z не е особено привлечен уред, во живо изгледа многу поинтересно и би рекол подобро од многу модели од класата. Исклучително е тенок, поточно, најтенок премиум смартфон и има изработка која е мешавина на стакло и алуминиум. Секако, не се е совршено – назад во долниот дел има неколку пинови кои служат за поврзување на дополнителните модули и кои некако не одговараат на целосниот дизајн.

Сепак, сѐ се менува кога ќе го ставите првиот модул, кој доаѓа во пакувањето. Moto Style Shell нема некоја функција, освен да го покрие задниот крај со цел да го заштити, но и да му даде различен изглед на уредот. Оној кој го имам јас е во вид на текстил и според мене изгледа одлично – многу лесно се комбинира со некоја добра облека. Но, оваа „маска” затоа е до некаде лизгава, па би препорачал да одберете некој друг материјал, како кожа или дрво.

Покрај Style Shell, кој го добивате бесплатно, на тест го добив веројатно и најинтересниот дополнителен елемент: Hasselblad True Zoom камерата со 10х оптички зум. Зошто? Затоа што Hasselblad е веројатно најголемото име во светската фотографија – нивните фотоапарати имаат највисоки цени (неретко преку 20.000 евра), а сите фотографии од слетувањата на месечината се направени токму со Hasselblad камери. Дали вреди да доплатите за овој елемент ќе се обидам да ви одговорам во наредните недела дена, кога ќе ја ставам оваа камера на многу сериозни тестови.

После неколку минути играње со преместување на Style Shell и Hasselblad True Zoom камера модулот, веднаш ја забележав генијалноста на решението на Lenovo. Додека главниот конкурент LG G5 има модули кои за да ги смените мора да ја отстраните батеријата, тука тоа се прави само со магнети. Механизмот е толку добро и прецизно изработен што ставањето и вадењето на модулите може да го направи и мало дете. Браво за Lenovo!

Покрај модуларната страна, Moto Z лесно се носи со најдобрите во сегментот и во останатите параметри. Дисплејот има големина од 5,5 инчи и Quad HD резолуција (2560х1440 пиксели) што значи нема да може да забележите пиксели ниту одблизу, додека AMOLED панелот продуцира длабоки и живи бои, како и извонреден контраст. Дисплејот е одлично видлив и на сонце. Камерите се исто така одлични – задната има 13 мегапиксели, голем сензор и f/1.8 бленда, додека предната има 5 мегапиксели и блиц. Секако и нив ќе ги тестирам детално.

За високите перформанси пак се грижи Snapdragon 820 процесорот, помогнат од 4 GB рам меморија и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка. Оваа комбинација овозможува исклучително мазна работа со оперативниот систем, за што голема заслуга има и чистиот Android Nougat 7.0 оперативен систем (официјално надграден од 6.0.1), кој Lenovo скоро и да го нема „чепнато”, освен неколку потребни подобрувања.

Имено, овој смартфон има неколку дополнителни функционалности. На пример, може да го повикате додека е заклучен и ќе функционира само на вашиот глас. Исто така, камерата може да се пушти со завртување на смартфонот два пати, додека блицот со „чукање” на телефонот два пати. На предниот дел има и сензори кои знаат кога вашиот телефон е во џебот или пак поминувате со раката над нив и во тој случај го вклучуваат дисплејот, а има и функција која не го згаснува дисплејот се додека гледате во него. Нив секако поопширно ќе ги опфатам во целосната рецензија, но првите импресии се дека се корисни.

Единствена работа која ме загрижува и која би сакал дополнително да ја тестирам е батеријата. Таа има само 2.600 mAh, што е релативно малку за смартфон со дисплеј со големина од 5,5 инчи. Првите забелешки се дека држи доволно полнење додека не го користите, но ако сте корисник кој почесто го држи дисплејот вклучен, очекувајте да го полните пред да заврши денот. Од друга страна, полнењето преку USB Type-C полначот е страшно брзо – трае околу 1 час!

И на крај, „мачка во вреќата” е недостатокот на 3,5 mm излез за слушалки. Да, во пакувањето има адаптер од USB Type-C во 3,5 mm, но него често го заборавам (веројатно немам стекнато навика) и не можам да го користам додека се полни телефонот. Поточно, истиот проблем со кој се соочуваат корисниците на iPhone 7 и iPhone 7 Plus.

Како и да е, првичните импресии од Moto Z се и повеќе од позитивни. Се работи за одлично изработен, брз смартфон, со супер дисплеј и можност за додатоци кои можат да задоволат најразлични типови на корисници. Наскоро очекувајте и детална рецензија за овој паметен телефон, каде ќе се обидеме да ги откриеме сите предности и недостатоци, а можеби и по некоја тајна.

Претходна статијаSnapchat: Факти кои (можеби) не сте ги знаеле
Следна статијаGalaxy S8 и S8 Plus ќе имаат батерии со капацитет од 3.000 односно 3.500 mAh