Како корисник на Windows Phone платформата веќе 2 години со истиот телефон, дојде времето кога почнав да размислувам за замена на веќе стариот HTC 8X. Ова сепак не беше лесно како што би можело да биде, најмногу поради дилемата дали да се вратам на одличниот Android или да продолжам да ја користам уште не толку популарната Windows Phone платформа. Потоа дури би следувал изборот на конкретен уред.

Поради тоа што отсекогаш сум сакал да користам нешто што е во развој, за мене е интересно да го следам подобрувањето на една платформа, излегувањето на нови и подобри апликации и слично, решив сепак да продолжам со Windows Phone и да видам што ќе донесе Windows 10 идната година.

Од достапните Windows Phone уреди се одлучив да го земам Nokia Lumia 930, одличен хардвер, но не премногу голем во димензиите, нешто што не го сакам кај мобилните телефони, а и го имам Nexus 7 таблетот за одредени ситуации.

Lumia 930 доаѓа со 5 инчен екран со Full HD резолуција, Qualcomm Snapdragon 800 процесор кој работи на 2,2 мегахерци и 2 GB RAM меморија. Просторот за складирање е 32 GB и без можност за проширување преку SD картица. Уредот е направен од пластика на задната страна со метална рамка.

Телефонот веднаш се забележува дека е поголем, подебел и потежок од HTC 8X. Сепак веднаш по првото вклучување се забележува екранот кој што е многу подобар. Исто така работата на уредот е значително побрза, иако не очекував тоа до овој степен да се чувствува на Windows Phone платформата. Добар додаток се Lumia апликациите кои што не се достапни за другите уреди на овој систем.

Телефонот остава навистина квалитетен впечаток, а посебно неговиот екран. Работата на него е навистина одлична. Посебно може да се истакне камерата која што има 21 мегапиксел и е една од најмногу фалените карактеристики на телефонот.

Во видеото можете да го погледнете краткото отпакување на уредот, како тој изгледа, па врз основа на тоа полесно да донесете одлука за каков уред би се одлучиле при вашето наредно купување.

Претходна статијаCoravin: Уред за сипување вино без потреба за вадење на тапата
Следна статијаKickstarter проект на FaradAir за еколошки трокрилен авион
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.