Оваа година на пазарот се појавија многу евтини смартфони од етаблираните производители, кои не само што нудат солидно искуство за корисниците, туку можат да бидат и единствениот смартфон кој го поседувате, без некои поголеми забелешки. Смартфонот Moto C е еден од моделите во основна класа кои го заслужуваат вниманието на корисниците и токму со него се дружевме неколку денови.

На прв поглед, Moto C е карактеристичен Motorola смартфон, со прилично заоблен дизајн и прилично голем круг околу камерата во задниот дел. Воедно, ова е телефон кој ќе биде и лесен за поправка бидејќи е целосно изработен од пластика која лесно се отстранува, што е плус за купувачите со поплиток џеб.

Спецификациите на телефонот се базични и соодветни за корисници кои имаат потреба од стабилен смартфон без импресивни карактеристики, соодветен за поплиток џеб. Дисплејот на пример има големина од 5 инчни и резолуција од 854х480 пиксели, а процесорот е MediaTek MT6737M со четири јадра на 1,1 GHz, кој е реално малку под Snapdragon 400 серијата од најновата генерација во перформансите и помогнат е од само 1 GB рам меморија и 16 GB простор, со можност за проширување преку micro SD картичка.

Камерите се исто така просечни – задната има 5 мегапиксели, додека предната има 2 мегапиксели. Како и што кажуваат самите бројки, од камерите не треба да очекувате чуда, но со нив сепак ќе можете да ја доживеете слободата да правите добри фотографии.

Moto C има и уште еден силен адут – чист “ванила” Android со ситни интерфејс измени од Motorola. Благодарение на ова, Moto C ќе биде веројатно единствениот толку достапен смартфон кој ќе добива редовни надградби на понови верзии, а во исто време ваквата верзија на оперативниот систем овозможува и прилично брза работа. Подршката на македонски јазик е уште еден плус за корисниците кои сакаат целосно адаптирање на смартфонот кон нивните потреби.

Всушност, за користењето на секојдневни апликации, Moto C е солидно решение кое нема многу често да го чекате да одговори на допирот на вашиот прст. Исто така, чистиот Android придонесува и за солидно траење на батеријата, иако таа има само 2.350 mAh, како и за зголемена безбедност, благодарение на брзите безбедносни надградби.

Најголем адут на Moto C е сепак цената, која изнесува околу 6.500 денари, а во VIP може да го купите за само 999 денари во VIP Mobile L тарифата. Ова го става рамо до рамо со најевтините достапни Android смартфони кај тој оператор, со таа разлика што ова е единствениот со чиста Android верзија, нешто кое дефинитивно треба да се има на ум.

Претходна статијаSamsung го претстави првиот климатизер од кој нема да се „вкочаните“
Следна статијаAI е веќе во служба на хакерите?