Изминатите недела дена ја имавме шансата да го пробаме Y6 телефонот од Huawei. Се работи за телефон од ниската класа која што им нуди на корисниците се подобри перформанси, во споредба со минатите години, за цени кои што се да речеме „нормални“.

Тоа значи дека од телефонот очекувавме беспрекорна работа, а посебно за основните функции кои што повеќето обични корисници ги користат. Тука влегуваат покрај се разбира телефонските повици, проверувањето и споделувањето на социјалните мрежи, проверка на електронска пошта, слушање музика, па и играње по некоја игра.

Huawei Y6 доаѓа со следните спецификации:

  • 5 инчен HD IPS екран со резолуција од 1280 x 720 пиксели и нивна густина од 294 пиксели на инч
  • Qualcomm Snapdragon 210 чипсет кој вклучува четири јадрен 1,1 GHz процесор со Cortex A7 јадра и Adreno 304 графички процесор
  • 1 GB RAM меморија и 8 GB простор за складирање на податоци со можност за проширување со microSD картичка до 32 GB
  • Задна камера со 8 мегапиксели и f2.0 бленда, LED блиц, автоматско фокусирање
  • Предна камера со 2 мегапиксели
  • Батерија со капацитет од 2.200 mAh
  • Димензии: 143.5 mm x 72,1 mm x 8,5 mm и тежина од 125 грама

Дизајн и изглед на телефонот

Како што би очекувале од еден телефон од оваа класа, Y6-ката не доаѓа со метални делови и слични додатоци. Тој е изработен од пластика која што сепак не остава лош или неквалитетен впечаток.

На него се наоѓаат три копчиња, односно едно копче за отклучување и вклучување на телефонот и уште две копчиња за зголемување или намалување на звукот. Остатокот од страните се празни, па се добива едноставен и практичен впечаток.

DSC_6660

DSC_6654

На долната страна стандардно е поставен microUSB влезот за полнење и поврзување на телефонот со други уреди, додека на горната страна е влезот за слушалки.

Камерата, заедно со флеш блицот, е поставена на горниот лев агол од задниот дел на телефонот, па се добива прилично голем чист дел од уредот без испакнатини кои што може да влијаат на удобноста при држење на телефонот во рака.

Генерално, се работи за прилично лесен уред кој што остава одлично чувство при држење, се разбира колку што би можело да се очекува од пластична изработка за оваа класа.

Софтвер и функции

Huawei Y6 работи на Android 5.1 верзијата, што е одлично, 6.0 е доволно нова и ретко достапна и на понови и поскапи модели. Се разбира, врз основната верзија на оперативниот систем поставен е познатиот за Huawei скин EMUI 3.1 кој што е карактеристичен за кинеските производители.

DSC_6662 DSC_6661

Оперативниот систем, односно вака прилагоден од Huawei доаѓа со доста голем број на можности за прилагодување на неговата работа. Може дури да се спореди со некој од познатите посебно направени верзии, како CyanogenMod.

Карактеристично за системот, останато од времето кога се целта беше да се направи копија на iOS, е немањето App Drawer, односно делот каде што се излистани сите инсталирани апликации. Како што е во iOS, сите апликации се наоѓаат на home екраните, а може да се организираат и во папки.

Неколку понудени опции на системот ни оставија навистина добар впечаток. Како корисници на телефонот имавме можност да прилагодиме доста функции кои што влијаат на начинот на работа на уредот.

Главното мени, односно Settings, како и на основниот Android, е поделено на два дела, односно сумирана листа на најважните прилагодувања или сите достапни.

Телефонот нуди можност на избор на режимот на работа со корисничкиот интерфејс, помеѓу стандарден и едноставен. Едноставниот режим целосно го менува изгледот на главниот екран кој што станува организиран во плочки, па дури може да се каже дека потсетува на Windows Phone, но во многу поедноставна форма. Корисникот ги има најчесто користените функции наредени на екранот, а потребата од прилагодување на изгледот ја нема, па телефонот може да се користи без никакво познавање или „мачење“ од страна на корисникот.

home-screen-style

Како доста функционален и напреден е делот за зачувување на батеријата (Power Saving). Во овој дел како корисник имате можност да прилагодите доста повеќе аспекти од работењето на уредот, од тоа што го нуди основниот Android систем.

Понудени се три режими на работа кои што овозможуваат и различно ниво на траење на батеријата, односно користење на ресурсите и ниво на перформанси на уредот. Normal, Smart и Ultra режимите овозможуваат различно ниво на работа, каде што првиот треба да овозможи најдобри перформанси и најкратко траење на батеријата. До секој од овие режими стои и проценка колкава заштеда на батеријата се добива.

power-saving

Остатокот од опциите вклучуваат можност за избор на апликации кои што ќе можат да работат во позадина и во кои ситуации. Тоа дополнително овозможува контрола над работата на уредот и траењето на батеријата.

Во овој дел исто така понуден е и автоматски скенер кој што ќе открие кои апликации и прилагодувања на уредот придонесуваат за поголемо трошење на батеријата, па ќе ви биде предложено истите да ги исклучите, односно промените.

Софтверот на Y6 нуди и еден вид основен Firewall, преку посебен дел од опциите каде што можете да изберете која од инсталираните апликации ќе има пристап до интернет, како и дали ќе го има преку Wi-Fi, мобилен интернет или двете.

Како навистина интересни и корисни опции се покажаа и следните:

  • Можност за промена на изгледот и поставеноста на софтверските копчиња за навигација (назад, дома и отворени апликации)
  • Можност за исцртување на буква на заклучениот екран со што ќе се отвори одредена апликација директно по отклучување на уредот
  • Поместување на тастатурата на лево или десно за полесно користење со една рака
  • Избор на различен изглед на тастатурата
  • Поместување на приказот на целиот екран во долниот денес агол за работа со една рака

keyboard

Камера и перформанси

Камерата на Y6-ката е со солиден квалитет. Истата се разбира не треба да се споредува со неколку пати поскапите модели. Сепак, живееме во време на достапност на технологијата, па и од моделите од ниската класа веќе имаме компоненти кои што порано не можеа да се замислат телефоните.

camera

Што се однесува до перформансите, телефонот во периодот кој што го имавме на користење се покажа одлично. На него ги инсталиравме повеќето апликации кои што секојдневно ги користиме на нашиот главен телефон и истите функционираа без проблеми.

Батеријата ја полневме еднаш во текот на денот, но сепак секој корисник има свое темпо на користење.

Се на се, Huawei Y6 е одличен телефон за корисниците кои што се научени да не издвојуваат голема сума на пари за оваа намена. Сите работи кои што се очекуваат од еден смартфон денес можат без проблем да бидат завршени со овој уред.

Претходна статијаGoogle тестира систем за најава без лозинки
Следна статијаПетер Сунде создаде машина за постојано кршење на авторско право со mp3-ки
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.