(Рецензијава содржи спојлери, но кому му е гајле)

Поминаа 20 години од премиерата на Денот на независноста, филмот кој го гледавме повторно и повторно додека не ни се врежат во меморијата детално сите сцени. Во тоа време не се грижевме дали филмот има добра и логична приказна, туку не интересираа само специјалните ефекти и возбудливите сцени со борби помеѓу луѓето и вонземјаните. Сакавме да го исклучиме мозокот на два часа и да уживаме во забавата.

Првиот дел беше толку забавен што (барем јас) го гледавме секогаш кога ќе го начекав на Сител. Сцените со акција беа возбудливи, Вил Смит и Џеф Голдблум имаа одлична хемија и изгледаа како да уживаат глумејќи ги нивните ликови, а тоа се одразуваше на секоја нивна сцена. Другите ликови не заостануваа, и целокупно успеваа да ја пренесат ургенцијата и стравот кој го чувствуваа како последица на инвазијата. Не правеа да се чувствуваме како да сценариото е возможно и во нашиот свет, и дури навивавме да биде така.

Дваесет години подоцна, бараме нешто повеќе. Дваесет години подоцна, не го добиваме тоа. Накратко, Денот на независноста: оживување е прилично лош филм. Приказната е копија на претходниот филм, има непотребно изобилство на ликови, а повеќето од ликовите се досадни или ти доаѓа да се протнеш низ платното и да задавиш неколку од нив верувајќи дека така ќе можеш повеќе да уживаш во филмот.

Но што е погрешно со ДН2? Неколку работи.

Новите ликови

Боже мој, колку се досадни. Се запознаваме со синот на ликот на Вил Смит (на кој му смислиле крајно неславна смрт – умрел при тестирање на еден од новите вонземјанско-човечки летала), ќерката на претседателот од првиот филм (овој пат истрауматизиран поранешен претседател), и уште еден дечко (братот на Крис Хемсворт – Тор) кој изгледаше како да се наоѓа во друг филм, веројатно романтична комедија.

Татко му сигурно се превртува во гроб

Ретко кога сум видел подосадни ликови од овие горниве (со мал исклучок на братот на Тор). Не се сеќавам на ништо од нивните дијалози, и претежно зевав или мислев на нешто друго кога тие беа во сцените. Неспоредливо подосадно од она што ни го приреди Вил Смит во првиот дел, на пример. Неговиот лик беше харизматичен, допадлив, и интересен. Навивавме за него. Неговиот син се наоѓа на сосема другиот крај од спектарот.

Ќерката на претседателот (не се ни сеќавам како се викаат ликовиве) е еднакво досадна. Не прави ништо посебно во филмов освен во една сцена при крајот каде што конечно се вклучува во дејството, а во останатиот дел од филмот плаче, или е лута некому.

Уште едно нешто што ме нервираше во филмов е што ликовите константно се закачаа и се шегуваа едни со други, дури и кога ситуацијата не налагаше така. Имаше една сцена каде што некои од нив се наоѓаат во вселенски брод, опкружени со вонземјани и чудни срања, и дури и тогаш си префрлаат досетки и шеги и се прават паметни. Секојдневие.

Ако овие беа досадни, други ликови беа крајно иритирачки, како типот со диоптерот кој во секоја сцена се обидуваше да испадне паметен. Неверојатно многу сакав да го снема од екранот. А најкисело се смеев на апсурдниот тип со мачетите кој убива вонземјани „одзади“.

Вонземјаните

Доаѓаат по втор пат, се закотвуваат на земјата…и толку. Вселенскиот брод им е гигантски (скоро половина планета Земја), има своја гравитација која уништува се пред себе без вонземјаните да испукаат едно ласерче, но они одбираат да бушат во земјиното јадро додека се на мисија да уништат вонземјанска топка последна од својот вид. Има некакво објаснување и за ова (меѓу-галактичка војна и фактот што вонземјаните се колонизатори што црпат енергија од јадрата на планетите што ги уништуваат), но само како изговор за да не изгледа дека заплетот на вториот дел е идентичен како и со првиот. Мисија: неуспешна.

Староновите ликови

Од нив, го нема само Вил Смит, сите други се враќаат на екраните. И покрај чувството на носталгија, сметам дека беа само вишок во овој филм. Едниот од ликовите чудесно се буди од кома после 15 и кусур години, и подобро да останел во таа кома. Претседателот е…ОК, го нема во многу сцени и е претежно тука за да ја најави втората инвазија и да одржи уште еден говор. Но најинтересен е повторно Џеф Голдблум. Неговиот лик, ако морам да бирам, е најинтересниот во целиот филм. Можеби е до глумецот, можеби не, ама сцените во кои е тој се единствените интересни сцени во филмот.

Денот на независноста: воскреснување е филм кој се гледа од носталгија, а не од очекување на филмско ремек дело. Ликот на Џеф Голдблум е забавен, филмот има добри ефекти (сцената со гравитациското уништување беше кул), но комплиментите завршуваат тука. Лошото сценарио, досадните ликови, повторувачката приказна го прават филмов разорачувачко продолжение на еден од омилените sci-fi филмови од 20-от век.

Претходна статијаНова технологија ќе овозможи гледање 3D филмови во кино без очила
Следна статијаНов тест ќе може да одреди дали имате вирусна или бактериска инфекција