dsc_0130

iPhone 7 можеби најави револуција на Bluetooth слушалки, но дури и да не планирате да го купите тој телефон, верувајте ми дека откако ќе пробате безжични слушалки, нема да сакате да се вратите на обични. Неодамна купив Ausdom M05 Bluetooth слушалки од Aliexpress и веќе ги користам повеќе од еден месец и сум прилично задоволен од нив, со неколку помали недостатоци (можете да ги купите и од ebay).

Моите слушалки успеав да ги купам на попуст за 37 долари, што е отприлика околу 2.050 денари. Ова се едни од поевтините Bluetooth слушалки кои можете да ги купите и единствено повеќе може да заштедите доколку купите мали слушалки за ставање во уво. Цените на Bluetooth слушалките што стојат на или околу увото се малку повисоки и лесно преминуваат преку 80 долари за еден солиден пар и затоа и бев малку скептичен за тоа што можат да понудат едни слушалки со двојно пониска цена а згора на тоа и од нереномиран бренд.

collage_fotor

Изработени од прилично квалитетна и цврста пластика
Пред да ги користам овие слушалки се крстев само во Sony и веќе имав неколку (жичани) парови по дома. Сепак, тоа беа слушалки од пониските класи на Sony, со цена од 1.500 до 2.000 денари и беа прилично лошо изработени, со пластика која крцка и не е доволно цврста и еластична.

dsc_0145

Ausdom M05 се чиста спротивност – имаат прилично цврста пластика и внатрешен „скелет“ од метал, кој овозможува исклучителна еластичност на слушалките и голема цврстина. Слушалките не крцкаат од никаде и оставаат впечаток на многу посериозно парче опрема и покрај тоа што не се целосно изработени од метал. Имитацијата на „карбон-фибер“ остава и добар визуелен печат, кој дополнително придонесува овие слушалки да не изгледаат евтино. П.С. Star Wars лепенките се отпосле ставени :).

Исклучително удобни дури и после неколку часови слушање
Најголема предност на овие слушалки е удобноста. Прво и многу важно тие се поставуваат околу увото и воопшто не го притискаат (оние со малку поголеми уши би можеле да имаат проблем со големината на отворот), односно меките перничиња перничиња лежат на главата, а второ дури и горниот дел кој стои на главата е обложен со мек сунѓер. Заедно со можностите за лесно подесување за секоја големина на глава на корисникот, овие слушалки се исклучително удобни дури и по неколку часови слушање на нив. Навистина, Ausdom M05 дури и заборавав дека ми се на главата после некое време.

ezgif-1611636651

Секако, бидејќи се работи за слушалки кои го опкружуваат увото не би ги препорачал во летно или во топло време – буквално ќе ве препотат, но таков е и случајот со сите вакви слушалки. Исто така, не би ги препорачал ниту за спортување, иако не мрдаат премногу ако трчате со нив на пример. Од друга страна, во зимските денови пак можат дури и да ве стоплат, секако.

ezgif-3181579966

Лесно поврзување со Bluetooth 4.0 и многу долго траење на батеријата
Ausdom M05 можат да се поврзат со секој уред кој има можност за Bluetooth аудио, вклучувајќи паметни телефони, таблети, лаптопи, паметни телевизори, TV Box уреди итн. Поврзувањето е исклучително лесно (се притиска копчето за вклучување 8 секунди) и лично многу ме радува што е верзијата 4.0, која го продолжува траењето на батеријата, а има и вградена aptX технологија која го намалување компресирањето на звукот, што може да се почувствува со .mp3 датотеки со поголем битрејт или .flac датотеки.

dsc_0157

Слушалките имаат и неколку говорни пораки, со кои му кажуваат на корисникот кога батеријата е празна, кога е поврзан телефон, кога се вклучуваат и исклучуваат итн. На нив има и копчиња за гласноста, за менување на песни и пауза/плеј. Ова особено многу ми се допадна, бидејќи многу од останатите Bluetooth слушалки имаат исти копчиња кои извршуваат повеќе работи, што е збунувачки.

Траењето на батеријата со едно полнење е навистина импресивно – од Ausdom велат дека е 20 часа и немам ама баш никаков проблем да поверувам во тоа. Лично, ги користам слушалките за слушање на музика од околу 2-3 часа дневно и тие без проблем ми издржуваат и повеќе од една недела. Се полнат преку стандардно micro USB кабелче за околу два часа, што е прилично брзо за уред кој потоа ќе ви работи цела недела. Одлична функционалност е и можноста за приклучување на 3,5 mm кабел, односно да ги користите слушалките како жичани доколку ви се потроши батеријата.

ezgif-195996798

Мек и широк звук со прилично јак бас, но малку пригушени средни тонови
Денес скоро и да е невозможно да се најдат слушалки со изедначен тонски израз, на штета на слушателите на постара рок музика и сите нејзини придружни правци. Ausdom M05 се прилично гласни слушалки и имаат длабок бас и одлични високи тонови, но средните тонови се малку пригушени, што може да претставува проблем кај рок или метал со дисторзирани гитари.

dsc_0156

Проблемот не е ниту приближно изразен како кај некои други слушалки (како на пример Sony што ги имав претходно) и слушањето на рок музика нема да биде лошо искуство, но е далеку од идеално. Од друга страна, M05 се одлични за слушање на електронска музика и хип хоп, токму поради изразениот бас и високи тонови, а имаат и прилично широк музички израз, односно музиката ќе звучи повеќе како да ја слушате во живо отколку да сте во соба, нешто од што страдаат слушалките кои се ставаат во увото. Исто така, звукот е мек, односно не е кршлив и не го заморува сетилото за слух дури и после подолго време.

Ausdom M05 имаат и можност за телефонирање, односно имаат вграден микрофон. Квалитетот на повисок е солиден, иако доколку сте излезени вашиот соговорник ќе слуша премногу звук од околината, бидејќи недостасува “noise cancelling” технологија каква што имаат многу од паметните телефони денес.

dsc_0133

Заклучок
Иако сум слушател токму на рок и на метал музика, не сум незадоволен од Ausdom M05. Напротив, тоа што се исклучително удобни, имаат батерија која трае со денови и се квалитетно изработени се доволна причина за да ги купите, а реално за таа цена нема ниту да може да се најдат слушалки со тонски израз кој ќе може да ги отсвири сложените тонови во рок музиката (барем јас не сум слушнал). А за оние кои слушаат популарна, електронска или хип хоп музика, можам само да кажам „високо препорачано!“.

Претходна статијаFacebook планира навлегување во територијата на LinkedIn со дел за работни места на страните
Следна статијаПрезентации на стартапи пред инвеститори – успешен крај на пред – акцелераторската програма на Сеавус Инкубатор