Ако се земе во предвид колкав дел од сообраќајот им припаѓа на мотоциклистите и колкаво е нивното учество во вкупниот број загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди, може да се каже дека мотоциклистите се најзагрозена и најнебезбедна група учесници во сообраќајот. Имено, повеќе од 10% од жртвите во сообраќајни незгоди се мотоциклисти, а истовремено мотоциклистите опфаќаат само околу 0.5% од вкупниот сообраќај.

Согласно наведеното, може да се заклучи дека, мотоциклистите се ранлива категорија учесници во сообраќајот, директно изложена на опасностите што постојано демнат во сообраќајот и кај која ризикот за здобивање со смртоносни повреди во случај на сообраќајна незгода е исклучително висок. Во просек, годишно во Република Македонија, околу 15 мотоциклисти го губат животот во сообраќајни незгоди.

Со оглед на тоа дека сезоната на мотоциклистите е на самиот почеток, РСБСП со потсетување и со  совети до мотоциклистите:

  • Законските прописи предвидуваат обврска за задолжително користење заштитен шлем (кацига), како за возачот така и за сопатникот. Непочитување на оваа одредба предвидува санкција од 50 евра во денарска противвредност.
  • Секој кој се превезува на мотор треба да знае дека користењето заштитна кацига го намалува ризикот од здобивање се смртоносни повреди на главата и во исто време штити од ветар, прашина, дожд, односно овозможува мотоциклистот безбедно да управува со возилото.
  • Користење на останата заштитна опрема, како: заштитна јакна, заштитна облека, заштитно елече и други додатоци (чизми, наочари, кожни панталони, ракавици итн.) е исклучително важно за безбедноста на мотоциклистите и за лицата кои се превезуваат на мотоцикл, но нивното користење не е задолжително со Законот за безбедност на патниот сообраќај. Користењето на оваа заштитна опрема е препуштено на свеста и одговорноста на мотоциклистите и за жал, истата скоро и да не се користи. Токму затоа, РСБСП апелира до мотоциклистите:
  •   Носете заштитен шлем (кацига)
  •   Внимавајте на брзината
  •   Користете ги трепкачите
  •   Одржувајте растојание
  •   Користете ги двете сопирачки
  •   Избегнувајте „мртви агли“
  •  Носете рефлектирачки елек и заштитна опрема

Според Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, секој возач на мотоцикл треба да ги знае и следниве правила:

  • Движењето во група треба да биде еден позади друг
  • Возачот и лицата кои се превезуваат со мотоцикл, задолжително носат заштитен шлем на главата за време на возењето на патот
  • За вклучување на јавен пат или на друга сообраќајна површина, кога мотоциклистот се вклучува во сообраќај од гаража, двор или друга слична површина, ако видикот му е закриен со друго возило, објект или предмет, или ако видливоста му е намалена, возачот треба да го турка мотоциклот, а не да го вози
  • Возачот на мотоцикл не смее со мотоциклот со кој управува да преминува преку пешачки премини и пешачки патеки, а со тоа и да ја загрозува безбедноста на пешаците
  • Возачот на мотоцикл не смее да биде под дејство на алкохол или да превезува лице кое е под дејство на алкохол
  • Возачот на мотоцикл не смее да превезува дете помало од 12 години
  • Возачот на мотоцикл не смее да пренесува предмети пошироки од еден метар
  • Возачот на мотоцикл е должен да управува со возилото на начин на кој не се намалува стабилноста на возилото и не се попречуваат другите учесници во сообраќајот, а особено не смее да ги симнува рацете од управувачот, да се придржува за друго возило, да превезува, влече или турка предмети што можат да го попречуваат во управувањето со возилото или да ги загрозуваат другите учесници во сообраќајот
  • Полицискиот службеник на самото место привремено ќе му ја одземе возачката дозвола и ќе го исклучи од сообраќај возачот на мотоцикл кој управува со мотоцикл без заштитен шлем и кога лицата кои се превезуваат не носат или одбиваат да носат заштитен шлем за време на возењето на патот.

РСБСП потсеува дека во овој период од годината, особено важно е одржувањето на мотоциклот. На почеток на пролетната сезона, секој мотоциклист треба да ги направи следниве основни проверки  на мотоциклот:

  • Да го замени маслото и филтерот и да ја провери течноста за ладење на моторот
  • Да го исчисти или замени филтерот за воздух
  • Да ги провери сопирачките и течноста во сопирачките (глицеринот)
  • Да го провери притисокот на воздух во гумите и дебелината на шарата на гумите
  • Да го провери и наполни акумулаторот
  • Да ги прегледа конзолите и да го подмачка синџирот
  • Да ги провери сите светла/сијалички
  • Да провери дали гаста, кумплугот и сопирачките функционираат правилно.

РСБСП на почеток на сезоната за мотоциклисти, апелира до мотоциклистите да бидат внимателни и одговорни во сообраќајот, да внимаваат на правилата за ограничување на брзината, да користат кациги и останата заштитна опрема за пасивна безбедност. Исто така, РСБСП апелира и до останатите учесници во сообраќајот да внимаваат на мотоциклистите и да ги почитуваат како рамноправни учесници во сообраќајот.

Претходна статијаКампања на книжарница ТРИ за подигнување на читателската свест кај младите
Следна статијаGoogle+ престанува со работа порано од планираното