Соларната индустрија е во пораст речиси во сите држави во светот, особено развиените. Сосема логично е една „нова“ и толку перспективна гранка да бележи постојан раст од година во година. Токму таков е случајот и со САД каде што соларната индустрија отвара се поголем број на работни места. Во 2016 година бројот на вработувањата се зголемил за цели 25% споредбено со 2015 година. После новоотворените 51.000 работни места во 2016, моментално во САД има вкупно 260.000 вработени во оваа индустрија, што е повеќе отколку во електраните кои работат на јаглен и фосилни горива.

Како најголеми работодавци се јавуваат SolarCity Corp. компанијата од Елон Маск и SunRun Inc. Не е само бројот на работни места којшто е битен во овој момент, туку заработувачката која што е над државниот просек. Ако на ниво на САД просечна плата е 20 долари на час, во соларната индустрија просечната плата е 26 долари на час. Не е тешко да се претпостави дека сојузната држава Калифорнија е лидер на ова поле во САД, следни на листата се Тексас, Флорида, Невада итн.

Овој пораст, не само во САД туку и во останатите држави во светот, се должи на фактот што од пред скоро време соларната енергија го презема приматот на најефтин извор на електрична енергија. Овој напредок во САД е од исклучително значење, најмногу поради тоа што нивниот претседател Доналд Трамп е скептик кога станува збор за глобалното загадување. Сепак растот на соларната индустрија се забележува во 44 од 50 сојузни држави, вклучувајќи ги и тие каде што Трамп беше победник на изборите.

Извор: Mashable, Reuters

Претходна статијаУспешни приказни поддржани од Фондот за иновации и технолошки развој
Следна статијаОстров целосно снабден со обновлива енергија од страна на Tesla