Заедничко застапување во јавноста на темите поврзани со евроатлантските перспективи на земјата, поддршка во справувањето со лажните вести, дезинформациите и теориите на заговор, како и соработка во сферата на дигитализација на општеството со цел унапредување на правата и можностите на секоја индивидуа и прилагодување на современите општествени текови – ова се основите на потпишаниот Меморандум за соработка помеѓу Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија (АТА Северна Македонија) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП).

Двете организации веќе започнаа и со планирање на пошироки заеднички организирани настани со цел подигнување на свеста на овие теми, како и преземање на активности кои предвидуваат можности за едукација и други неформални образовни содржини наменети за младите луѓе.

„Во наредниот период, ќе се работи на многу заеднички проекти, тренинзи и иницијативи преку неколку програми за различни групи на граѓани. Во текот на следните два месеци веќе е предвидено одржување на заеднички обуки наменети за млади луѓе од целата земја, а во рамки на НАТО академијата и проектот ‘Информации наспроти дезинформации’. Во контакт сме и со повеќе различни донатори за поддршка на проекти кои имаат за цел поголема индивидуална слобода за секоја личност, како и градење на севкупна општествена отпорност во делот на справувањето со дезинформации и теориите на заговор кои штетат на сите луѓе, истовремено поткопувајќи ги и демократските темели на македонското општество. Се согласивме да ги обединиме силите за промоција на евроатлантските вредности, јакнење на капацитетите во граѓанскиот сектор, како и целосна поддршка на демократијата, човековите права и владеењето на правото“, истакна Илија Џугуманов, секретар на Евро-атлантскиот совет за време на потпишувањето на Меморандумот со ИДУЕП.

ИДУЕП и АТА Северна Македонија покрај на домашен план, предвидуваат и организирање на различен тип на заеднички активности поврзани со унапредување на регионалната и меѓународната соработка, како и организирање и учество на меѓународни настани кои имаат за цел остварување на целите предвидени со потпишаниот Меморандум.

„Клучен збор за мене е воспоставувањето на соработки и градењето на сојузи, особено кога тие се потпираат на заеднички цели како што се остварувањето на поголема слобода, демократија и подобар живот за секој човек. Сакаме ваквиот партнерски однос да биде пример за целокупниот граѓански сектор, но и за сите општествено – политички чинители во нашето општество кои е повеќе од неопходно да разберат дека во кризни времиња нема простор за лични или теснопартиски агенди. Напротив, неопходна е работа во интерес на граѓаните, обединување со цел ублажување и полесно, односно побрзо справување со актуелните светски кризи. Како и многу пати досега, нашите две организации преку конкретни активности даваат пример, но и ќе продолжат да бидат партнер на јавните институции и сите професионалци во насока на остварување на подобар и поквалитетен живот за секој наш граѓанин и граѓанка, со особен фокус на младите луѓе“, вели комуникологот и претседател на ИДУЕП, Бојан Кордалов.

Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија е граѓанска организација формирана во 1997 година, а во своето дејствување главно се фокусира на одбраната, безбедноста и демократизацијата на нашето општество. Покрај тоа, АТА Северна Македонија покрива специфична област за Македонија како што се евро-атлантските интеграции и промоција на евро-атлантската идеја и вредности во нашето општество, обединувајќи луѓе од најразличен национален, политички, интелектуален и деловен профил.

Со членството во Светската Атлантска Асоцијација (АТА), македонскиот Евро-Атлантски Совет е дел од светската мрежа која се состои од повеќе од 35 национални асоцијации и во таа насока остварува широка меѓународна соработка во самата АТА, како и со на НАТО и ЕУ структурите.

Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи е регионална граѓанска организација со седиште во Скопје. Формиран во 2009 година, ИДУЕП активно работи во сферата на подигање на јавната свест во делот на доброто управување и евроатлантската интеграција, односно широка промоција на начелата на транспарентност, одговорност, отчетност, ефикасност и владеење на правото, а особено презентирање на придобивките и предностите од процесот на севкупна дигитална трансформација на општествата во Западен Балкан. Особен фокус во работата на ИДУЕП се младинските програми и проекти, односни активности кои имаат за цел зајакнување на младинското учество, активизам и поттикнување на јавните институции за активно вклучување на младите луѓе во носењето на одлуки и креирањето на политики на национално и локално ниво.

Претходна статијаНајавено претставувањето на USB4 2.0 верзијата која ја дуплира брзината на 80Gbps
Следна статијаIFA 2022: Samsung ја споделува својата визија за попаметен живот, одржлива иднина