Скопје, 7 декември 2022г.  –  СКОПСКО ja претстави новата долгорочна платформа за општествена одговорност „Наша гордост. Наша одговорност.“ во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак и други поддржувачи. Главната цел на оваа платформа е заштита на животната средина со фокус на чистењето од отпад на националните обележја и заштита од загадување

“Пивара Скопје е компанија со стогодишна традиција, но целосно посветена на иднината и на одржливиот развој. Преку силата на нашиот најпознат македонски бренд – СКОПСКО, ја започнуваме долгорочната платформа „Наша гордост. Наша одговорност.“, која се фокусира на животната средина и повисоката цел која СКОПСКО како бренд ја има –  да ја поддржи заедницата, да ги обедини и инспирира луѓето да делуваат за да го направиме светот подобар, сите заедно. Заедно ја делиме одговорноста за да го исчистиме и да го заштитиме од загадување она што е наша гордост – природните и културни обележја на нашата земја.“ – изјави Горан Сладиќ, генерален директор на Пивара Скопје, истакнувајќи дека овој проект целосно ги поддржува заложбите на Пивара Скопје за одржливост согласно платформата Свет без отпад до 2030 година, како и намалување на нето јаглеродните емисии на компанијата до 2040 година.

 „Една од клучните мисии во заштитата на животната средина на Министерството за животна средина и просторно планирање е воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад со што еднаш за секогаш ќе го решиме проблемот на расфрланиот смет низ државата и безбројните диви депонии што даваат грда слика на големото природно и културно богатство со кое оваа држава изобилува. Од таа причина ние како Министерство сме отворени за соработка и за поддршка на сите оние што сакаат да се вклучат во тој процес, било со конкретни активности, било со акции за подигнување и градење на свеста дека отпадот има свое место, дека секој отпад не е ѓубре и најголемиот дел има употребна вредност, а дека со градење на добри навики за постапување со отпадот придонесуваме за чиста животна средина, за зајакнување на економијата и најпосле и за заштита на сопственото здравје.“ – изјави министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.

„Сакаме да потенцираме дека рециклирањето е еден од најлесно применливите модели од циркуларната економија кон која стремиме, а со селекцијата и рециклирањето на отпадот најбрзо и најлесно може да придонесеме како индивидуи кон спас на нашата земја и планетата. Навистина сме горди што Пакомак е дел од овој проект, прв од многуте проекти кои ќе бидат инспирирани од визијата за позелена иднина. И како што вели нашиот слоган, би ги повикал граѓаните и компаниите да Селектираат Иднина и да нѐ поддржат во оваа наша заложба.“ – изјави извршниот директор на Пакомак, Филип Ивановски.

Првата фаза на реализација на целите на платформата „Наша гордост. Наша одговорност.“ , опфаќа повеќе активности за чистење и заштита на Охридското Езеро, со целосна поддршка на  Министерството за животна средина и просторно планирање, Пакомак, општините Охрид, Струга и Дебрца, нуркачките клубови Амфора и Акватек, волонтерите од Пивара Скопје и Мен анд Маунтаин. Во акцијата за најава на платформата беа исчистени над 100.000 метри квадратни површина од отпад од дното и крајбрежјето на Охридското Езеро.

За наредната година планирани се уште неколку акции за чистење, како и активности  за пошироко вклучување на заедницата, за јакнење на свесноста и заштита на националната гордост – Охридското Езеро.

Во годините кои следат Скопско ќе опфати и други национални обележја во нашата земја.

Претходна статијаApple ги има променето плановите за нивниот автомобил кој наводно треба да биде претставен во 2026
Следна статијаГодина на TikTok 2022 ги прикажува некои од најпопуларните видеа на оваа мрежа