Регулаторна комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија (РКЕ) повторно покажува нестручност и недоволно познавање на пазарот со нафтени деривати и горива за транспорт и тоа се покажува преку нивното последно соопштение.

Имено, крајна невистина е дека Макпетрол АД не доставил соодветна документација со коja би се поткрепило барањето. Напротив, Макпетрол АД ја достави потребната документација и истото беше констатирано од страна на РКЕ. Во случај да им беше потребна дополнителна документација на членовите на РКЕ истата ќе им беше доставена. Овој незаинтересиран, однос само покажува на отсуството на волја овие прашања да бидат решени.

Што се однесува за либерализација на пазарот односно, слободен пазар при формирање на цените на нафтените деривати, ставот на РКЕ е сосема контрадикторен. Поточно нивното нeосновано мислење дека либерализираните пазари ќе имаат 20% повисоки малопродажни цени се коси со образложението на предметната одлука, каде се констатира токму спротивното и споредбата ја прават токму со тие држави кои имаат либерализирани пазари за нафта и нафтени деривати.

По ова прашање единствено е неспорно дека во нашата држава еден период трговците сами ги определуваа цените и не се предизвика никаков финансиски шок.

РКЕ иако тврди дека не е надлежна по ова прашање, нејасно од кои причини сепак го искажува своето негативно мислење во однос на либерализацијата на пазарот, а притоа имајќи во предвид дека  во сите земји од Европа, вклучително и земји од регионот, пазарот со нафта и нафтени деривати е либерализиран.

По дадените изјави очигледно е дека РКЕ воопшто и не го познава пазарот штом зборуваат за монополска позиција. Имено, РКЕ има издадено повеќе од 70 лиценци за трговија со нафта и нафтени деривати, со кои лиценци слободно може се купуваат нафтени деривати во државата и од странство. Исто така, на пазарот во државата постојат повеќе од 400 бензински станици со што крајно неаргументирано е тврдењето дека постои монополска позиција.

Доколку РКЕ има индиции за монополска позиција, треба да знае и има должност истата да ја пријави во Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Дали РКЕ се водеше од интересот на потрошувачите кога ја определуваше цената на струјата и дали РКЕ се води од интересите на граѓаните, ако имаме во предвид дека цената на природниот гас последната година значително се намали, а притоа цената на топлинската енергија остана непроменета?

Разбираме дека преку цената на енергенсите треба да се овозможи и развој и инвестиции за во иднина, но очигледно дека вака поставената политика во однос на цените на енергенсите од страна на РКЕ на РСМ, трговците со нафтени деривати ги става во понеповолна позиција во однос на производителите, транспортерите и трговците со електрична енергија.

По овие несериозни и нестручни одлуки и ставови на РКЕ останува нејасно кон каков пазар се насочува комисијата?

Претходна статијаАЕК ќе спроведува меѓународна физибилити студија за влијанието на 5G мрежата врз здравјето на луѓето
Следна статијаWindows 10 ќе има една надградба идната година и таа ќе донесе поголеми промени кај корисничкиот интерфејс