1247741676540407113

Колку пати сте сакале да фотографирате некој објект или субјект (комшивката од карши…?), по што фотката што сте ја направиле била полууништена од вашата рефлексија од некое стакло? Вадењето на овие непожелни рефлексии досега не беше лесно да се направи во пост-продукција, бидејќи треба да се ретушира целата слика каде што се наоѓа истата.

На помош доаѓаат од MIT (Massachusetts Institute of Technology) кои создадоа алгоритам кој автоматски ги лови и елиминира ваквите рефлексии. Начинот на елиминација е за жал и неговото ограничување. Имено, алгоритмот бара повторени т.н. „дух“ рефлексии како индикатор дека тоа е рефлексија од стакло која треба да се елиминира. Ваквите рефлексии се појавуваат или на многу дебели стакла или на двојни прозорци, бидејќи само таквите прават дуплирани рефлексии кои алгоритмот може да ги препознае.

Ваквиот алгоритам ќе помогне во елиминирање на рефлексии при фотографирање ако биде вграден во фотоапаратите. Дополнително, има можност да се вгради како алатка во Photoshop или други програми кои се занимаваат со уредување на графика и слики. Нормално, истиот може да се вгради во системот за оптика кај разни роботи и автоматизирани системи, кои би можеле подобро да фотографираат или нишанат низ стакла.

Алгоритмот е развиен од Даниел Зоран, студент на постдокторски студии, и се базира на делење на сликата на блокови од 8 х 8 пиксели. Алгоритмот ја пресметува корелацијата меѓу секој пиксел и секој друг до него. Ако види дека има многу голема разлика, а не убав градиент, тогаш бара повторување на истата разлика во друг блок на пиксели кој што треба да биде доволно оддалечен од првиот. Ако ја најде ваквата нагла смена повторена, тоа означува дека веројатно пронашол рефлексија, па ја елиминира од фотографијата.

Ако сакате да ги елиминирате рефлексиите додека не стигне овој алгоритам во вашиот апарат, пробајте да се доближите што повеќе до прозорецот, да исклучите блиц и да поставите кружен поларизатор. Воедно, избегнувајте фотографирање на незнајни комшии. А, ако сакате да станете подобар фотограф, може да ја прочитате оваа статија која е токму за оваа намена.

Извор: Gizmodo, MIT, PCWorld

Претходна статијаWindows 10 телефон се користи со маус и тастатура
Следна статијаКомпанијата OTOY направи значаен напредок во 3Д панорамски фотографии