Бензинската станица „Билјанини извори“, што е дел од мрежата на „Макпетрол“, денеска ја одбележува 50-годишнината од отворањето. Препознатливиот и импозантен кружен објект, којшто се наоѓа на излезот од Охрид, на патот кон селото Велестово, е пуштен во употреба на 7 април 1972 година. Автор на проектот е архитектот Ѓорѓи Голев, додека изведувач на армираните бетонски конструкции е „Гранит“, а на металните конструкции, „Коце Металец“.

Значењето на овој објект го истакнува и „МАРХ – Македонска архитектура“, која што преку интернет-порталот marh.mk работи на популаризација и признание на оваа дејност во земјава.

– Половина век опстојување е првиот праг кон историска потврда и признание од една страна, а од друга – причина за одново размислување за вредностите на градбите кои опстојуваат. Бензинската станица „Билјанини извори“ е специфично решение совршено поставено насреде значајна сообраќајна раскрсница. Тоа е произлезено од соодветните архитектонски анализи кои потекнуваат од сообраќајната логика на свртување – кружен ток и смелите конструктивни можности кои ги дозволува рамномерното урамнотежено пренапрегнување преку централна вертикала. Авторот Ѓорѓи Голев и соработниците, достојно одговориле на професионалниот повик и задача. Објектот е редок пример на домашната сцена кој ја сочувал сопствената оригиналност, создавајќи функционална монументалност која е невозможно да ја игнорирате – велат од МАРХ.

Имајќи предвид дека бензинската станица се наоѓа во Охрид, град со голем број историски и културни знаменитости, овој објект изминатиов половина век се наметна и како своевиден симбол на градот.

Јубилејот на бензинската станица „Билјанини извори“ се одбележува во годината во која што „Макпетрол“ слави и 75-годишнина од своето постоење. Компанијата во текот на сите овие години постави високи стандарди за квалитет, а преку стратешките инвестиции во наредниот период и понатаму ќе бидe пионер и предводник во енергетскиот сектор.

Претходна статијаGoogle Chrome ќе добие „водич за приватност“ за подобро разбирање на прилагодувањата во прелистувачот
Следна статијаGoogle повлече повеќе апликации од Play Store кои содржеле код за собирање на информации од корисниците