Платформата за одржлив развој „Лице в лице“ прави чекор поблизу до своите читатели, стартувајќи кампања преку која ги повикува поддржувачите да станат членови на дигиталната „Лице в лице“ заедница и заедно да се движат кон промените во 2021 година.

„Посреќна 2021 година! ЗА СИТЕ“ е иницијативата која обединува бројни јавни личности, а првичниот импулс е од актерите во ситкомот „Преспав“, чија нова сезона почнува на 18 декември. Идејата за заедничкиот старт доаѓа токму од она што е во фокус во нивното дејствување.

Наскоро од печат излегува 43. издание на „Лице в лице“, кое e посветено на човековите права, а на чија насловна страница се актерите на „Преспав“, серија која на хумористичен начин ги идентификува општествените аномалии. Но, и „Лице в лице“ и „Преспав“ не застануваат само на посочување „виновници“, туку, секој од нив, низ свој формат и соодветен начин, отвораат алтернативи кои може да нѐ направат поодговорни граѓани кои ќе градат одржлива иднина.

-Со намалената циркулација на луѓе во кафулињата, продавачите на „Лице в лице“ речиси и немаат продажба, а поради тоа, ниту средства за основна егзистенција. Ваквите предизвици се двојно потешки за ранливите сограѓани. Затоа, креиравме решенија кои ќе одговорат на нивните индивидуални потреби, а истовремено, ќе ја активираат заедницата и онлајн – велат од „Лице в лице“.

И тимот на „Преспав“ испраќа порака до своите гледачи, до читателите на „Лице в лице“, до јавноста.

– Здравјето е најважно, но, еднакво важно е да научиме да живееме и функционираме во нашите заедници и во денови како овие во 2020-та, кога солидарноста и колективната грижа се единствената поткрепа – велат тие.

„Лице в лице“, преку веб платформата ja активира заедницата одговорни граѓани, институции, компании, кои станувајќи членови, придонесуваат во инвестицијата за подобро општество: социјална инклузија, социјална економија, независно и „solution“ новинарство, кое има за цел да посочи на успешни решенија и алтернативи кои значат унапредување на целокупната општествена клима.

Со новата веб платформа, овозможено е да  се поддржи продавач, но, и да се влијае продавачите на „Лице в лице“ да бидат дел од програма која ќе ги однесе неколку чекори поблиску до пазарот на труд, да се даде поддршка на процесот на работна интеграција преку социјално менторство кое ќе се погрижи да се подобрат дигиталните вештини на продавачите и развојот на нивните индивидуални потреби и таленти. Описменување, курсеви за различни професии и занаети, поддршка во надминување на потешкотиите кои ќе произлезат од микро и макро средината и константно насочување кон активности за професионално усовршување.

Од друга страна, пак, членовите на заедницата ќе имаат можност да следат видео интервјуа и да се дел од ексклузивни вебинари и настани со еминентни гости од целиот свет (ТЕД говорници, футуристи, експерти од различни области), да читаат визионерски размисли и конкретни задвижувања кон подобро општество.

Во кампањата „Посреќна 2021! ЗА СИТЕ“ на „Лице в лице“ ќе се приклучат бројни познати личности од јавниот живот, меѓу кои Јелена Јованова, Васил Зафирчев, Емра Куртишова, Дарја Ризова, Каролина Гочева, Ирина Тошева, Диџеј Гоце, Катерина Ангеловска… и многу други.

Претходна статијаMicrosoft Authanticator ќе добие можност за синхронизација на лозинките од Edge
Следна статијаOppo претстави свој концепт за телефон со екран кој се превиткува